01.jpg

Продолжуваат кражбите во храмовите

06.jpg
14/27 февруари 2013 година

00.jpg

Повторно нашите древни храмови се мета на најбезочно светотатство. Дојде ред и на една од најубавите цркви во Мијачијата, храмот „Свв. Петар и Павле“ во с. Тресонче, славното родно село на нашиот најголем зограф од времето на Преродбата, Димитар Крстев - Дичо, да го доживее овој немил чин на вандализам. Украдени се иконите од целиот иконостас, вкупно 32 на број и вредната плаштаница со Христовото оплакување, насликана на платно. Иако во храмот бил поставен безбедносен алармен систем и бил под грижа на агенција за обезбедување, минатата ноќ тој не се активирал што овозможило непречено влегување во црквата. Ова, за жал, се случува во годината кога се навршуваат 140 години од смртта на Дичо Зограф и во која е предвиден научен собир за неговиот живот и дело, а се изработи и посебен проект за реставрирање на гробните меморијални обележја на Дичо Зограф и син му Аврам, во дворот на црквата „Свв. Петар и Павле“. Очигледно дека нашиот претходен апел не наиде на потребниот одѕив и ништо не се направи во поглед на подобрување на оваа загрижувачка состојба со храмовите во западниот дел на Македонија. Што уште треба да се случи за најпосле да се свестиме за одговорноста што ја носиме пред Бога за нашето свето наследство, коешто полека ни се одлева, земајќи го со себе и благословот Божји? Доколку не покажеме барем основна грижа за светињите, како воопшто ќе ја зачуваме и татковината, што Господ ни ја дал како знак на милоста Своја? Како ќе докажеме дека заслужуваме да ја имаме? Крајно време е да ја покажеме својата љубов кон Бога и татковината и барем сега, поучени од последниов пример, да преземеме мерки вандалството и светотатството да запрат.

 03.jpg

04.jpg

09.jpg08.jpg

Извор: Бигорски манастир