3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Еден свештеник, кога учеше во Ризариевата Богословија во Атина, околу 1970 година, заедно со другите деца од школото, одеше кај отец Симон Арванитис, познатиот духовник, кој ги советуваше за идните планови во нивниот живот. Многу од тие деца станаа монаси на Света Гора, додека, пак, тој стана свештеник и вероучител во едно село.

Таму, во првите години од неговото поставување, имаше големи напади од селаните, како што се случуваше во многу села. Нападите беа неподносливи. Поради сите тие грижи ѝ рече на попадијата:

– Не можам да издржам повеќе. Ќе ја фрлам мантијата, ќе се распопам, и ќе побарам да ме постават за учител во некој друг крај.

Додека размислуваше за ова, си велеше во себе: „Она што планирам да го направам е голем грев, свештенството е служба над службите, ангелите се поместуваат за да помине свештеникот, а јас сакам да се распопам? А ако дознае за ова старец Симон, ќе умре од грижи за мене. Неговото духовно чедо, така да направи? Ќе почекам, додека тој да умре, па после ќе се распопам“. Така размислуваше отецот.

Но, старецот, кој оддалеку гледаше и знаеше сѐ што размислува, не го остави така. Го укрепи во неговото маловерие со следниве настани.

Една вечер додека читаше во својот дом, затропа вратата. Отвори и излезе да види кој е, и што бара толку доцна. Погледна и го виде селскиот лекар, кој се мајтапеше со него во меаната.

– Добра вечер, попче.

– Добре дојде, докторе, кој добар ветер те донесе во мојава куќа толку доцна?

– Попче, јас сум болен.

– Докторе, си играш мајтап со мене, јас сум поп, не сум лекар. Ти си лекар, си знаеш самиот од што си болен и какви лекови да примаш.

– Попче, болен сум и не се мајтапам, – настојуваше лекарот – дојдов за да ми прочиташ молитва, за да оздравам.

После многу убедувања го стави епитрахилот на себе и му прочита молитва за исцеление на болни. Седнаа малку. Потоа брзо си замина.

– Попче, добро ми е! Ти благодарам, добра ноќ.

По неколку денови дојде кај него едно овчарче.

– Добар ден, попче.

– Добар ден, чедо мое, што се случи?

– Попче, ме испрати татко ми за да те повикам да дојдеш кај трлото, да ги видиш нашите овци како пцовисуваат.

– Чедо мое, јас не сум ветеринар, туку поп. Кажи му на татко ти да отиде во соседното село, да го повика ветеринарот, да види што им е на овците и да ви даде соодветни лекови.

Но детето го молеше и преколнуваше. Тогаш попот го зеде требникот, епитрахилот и еден сад со чиста вода. Отидоа кај трлото, прочита молитва и ги попрска сите овци. Се сеќавам, велеше, имаше едно јагненце испружено, готово да пцовиса. Тој отиде и го попрска со света вода и замина.

Помина неколку денови и го гледа пак детето како доаѓа со еден сад со млеко.

– Што правите, како се овците?

– Попче, од денот кога ги попрскавте овците, престанаа да умираат!

– А што бидна со јагнето, пцовиса? – го праша.

– Не, попче, одлично е! Дојдов пак за да ви се заблагодарам. Татко ми ми даде малку млеко за да ви донесам за благослов.

По неколку денови, пак слична сцена: дојде една баба.

– Добра вечер, попче.

– Добре дојде, бабо.

Не стигна ни да ја праша како дошла кај него, бидејќи таа живееше на другиот крај од селото.

– Попче, не сум добро, ќе умрам.

– Одлично изгледаш, бабо.

– Попче, не сум добро, ти велам, ќе умрам.

– Бабо, оди на лекар да те прегледа и да ти даде лекови.

Бабата настојуваше:

– Не одам на лекар. Дојдов кај тебе, да ми прочиташ молитва и Бог да ме исцели.

Така и бидна. Откако ѝ прочита молитва, бабата оздраве. Си замина радосна, славејќи Го Бога.

Со изненадување отецот, гледајќи каква сила има свештенството, откако се случија толку големи чуда, се сети на старецот кој му велеше: „Сатаната доаѓа често пати и нѐ преплашува, за да се исплашиме и да не го вршиме нашето свештено дело; но ние не треба да го слушаме, ниту да му се плашиме, бидејќи оружјата кои ги држиме се силни и никој не може да ги победи“.

Така, престана да размислува на распопување. Од многумина слушнав дека селаните кои некогаш го напаѓаа, денес наздравуваат во негово име, како што вели народот.



Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Изворник: Монах Зосима,

„Јеромонах Симон Арванитис,

(1901-1988), Неговиот живот и дело“,

том 3.

Православна светлина бр. 57

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2021/06/29/%d0%b7%d0%b0-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%88%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%be%d1%82-%d0%ba%d0%be%d1%98-%d1%81%d0%b0%d0%ba%d0%b0%d1%88%d0%b5-%d0%b4%d0%b0-%d1%81%d0%b5-%d0%be%d1%82%d0%ba%d0%b0%d0%b6%d0%b5/

 Јули 2021 лето Господово