Понекогаш не бараме премногу љубов — туку се обидуваме да ја нахраниме старата рана

 

 

Понекогаш возрасниот човек во себе носи дете кое сè уште чека да биде избрано. Чека збор што никогаш не го слушнало, прегратка што му недостасувала, поглед што ќе му каже: „Ти си важен.“ И, без да разбере зошто, почнува од другите да го бара она што не го добило во вистинското време.
Од ова можат да се родат болни односи. Стравот од напуштање, љубомората, посесивноста, потребата за постојано уверување и паниката кога другиот ќе се оддалечи. Не секогаш љубовта е преголема; понекогаш раната е премногу гладна.
Ако оваа празнина не биде препознаена, човекот може да почне да ја претвора љубовта во постојано барање: „Докажи ми дека нема да заминеш. Докажи ми дека вредам.“И тогаш блискоста станува притисок, а од другиот се бара да исцели нешто што не може сам да го исцели.
Бог не го брише минатото, но може да го промени начинот на кој минатото живее во срцето. Преку вистината, молитвата, исповедта и, кога е потребно, психолошката помош, раната може да престане да управува со животот.
Зрелата љубов започнува тогаш кога другиот повеќе не е принуден да ги исполнува сите празнини на едно повредено детство.Кога ништо не чувствуваш, а сепак остануваш пред БогаПостојат периоди кога молитвата повеќе не тече. Зборовите запираат, умот останува студен, а душата повеќе не го чувствува она што некогаш ја подигнувало. Тогаш се појавува искушението да поверуваме дека Бог се оддалечил или дека сето она што сме го доживеале порано било само наша замисла.
Оваа духовна суша може да биде тешка токму за човекот кој некогаш ја познавал радоста на верата. Тој ја споредува сегашноста со минатото, се обвинува себеси, се плаши дека ја изгубил благодатта и почнува да се обидува на сила да предизвика состојби што веќе не може да ги почувствува. Но верата не се мери според јачината на емоцијата.
Понекогаш највистинската молитва е онаа изговорена без никаква утеха: неколку зборови кажани од уморно срце кое, и покрај сè, одбива да си замине. Да останеш пред Бога тогаш кога ништо не чувствуваш може да биде длабок облик на верност.
Не секоја внатрешна тишина е напуштеност. Понекогаш токму таму се очистува потребата од духовни чувства и верата созрева. Душата учи да Го бара Бога заради самиот Бог, а не само поради мирот што го прима од Него. И ова преминување, иако болно, може да ја продлабочи молитвата повеќе од многу моменти на духовен ентузијазам.


Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски