Св. Игнатиј Брјанчањинов
Велелепното светило на денот го измина својот дневен пат, се приближи кон залезот. Се спушти до самото море, и сега, божемно двоумејќи се над него, ги праќа прошталните зраци на земјата, подготвено да се нурне во бескрајното море. Ја набљудувам таа величествена глетка преку прозорецот од мојата ќелија, од закрилата на тивкото пребивалиште! Пред мене се Кронштат, и спротивниот брег на Финска, и морето прекриено со шари. Над морето лебдее руменото сонце, со краевите веќе ја допира морската површина. Сонцето на залезот му дозволува на човековото око да го гледа, а за сето време на своето дневно патување останува недостапно за окото, оградувајќи се од него со неиздржлива, заслепувачка светлина.
Какво созерцување ќе му донесе оваа глетка на осамениот монах? Какво вдахновение ќе се излее во моите гради при читањето на овој лист од светата книга, напишана со раката на самиот Бог – природата?
Таа книга постојано се отвора за оние коишто не престануваат да се очистуваат со покајание и со оддалечување од секаков грешен потфат – и оној груб, и оној едвам забележлив. Таа се отвора за оние коишто се одрекле од земните насладувања, од суетната расеаност. Таа се отвора за следбениците и за учениците на Евангелието, за љубителите на небесната слава и за вечните насладувања, за љубителите на скромната и тивка осаменост, за оние коишто ја засакале осаменоста за во неа да добиваат изобилно богопознание отстранувајќи го од себе сето она што нè оддалечува и нè заклонува од Бога.
Големата книга на природата е запечатена за читатели коишто се нечисти, коишто гревот ги обвиткал со темнина, ги нурнал во телесни насладувања, а празната забава им го завртела и им го поматила умот. Тие залудно, поради својата гордост, сметаат дека се нејзини читатели! Тие во неа читаат мртво, голо слово; не Го читаат Бога, содржината на книгата на прородата: Бог неописливо е опишан, опеан со песните на Духот, песни силни, но нечујни за човековото уво, свечени, свети, песни коишто го обземаат и го освојуваат слухот на препородената душа.
Пред таа книга ќе се појават на судот, според учењето на големиот апостол на незнабошците, на денот на страшниот суд Божји, племињата и народите од сите векови на животот на светот, коишто останале во жално, смешно идолопоклонство, во бедно непознавање на Бога, и таа ќе ги осуди. Кога она што е во Бога невидливо за телесните очи, се гледа во Неговото дело – природата, тогаш јасно се гледа вечната Негова сила и Божеството, па така тие немаат изговор (Римјаните 1:20).
Постои книга поголема и побожествена, поблажена и пострашна од книгата на природата: Евангелието.
Остроумниот и разумен читател, којшто таа книга на животот ја чита со животот, Евангелието го води до самиот Бог, го соединува човекот со Бога; книгата на природата го става својот читател во собранието на ангелите, и го прави гледач и проповедник на Божјото величие. Штом ја виделе книгата на видливата природа, издадена во чинот на создавањето, ангелите Му испеале пофална песна на Бога; слично на нив, и човекот кој со очистено око ја гледа природата, Го слави и го велича Бога во песни. Евангелието построго од природата го осудува читателот ако не разбира. Тогаш, вели апостолот, колку ли потешка казна ќе заслужи оној, што го погазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта?„Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам“ вели Господ (Евреите 10:29, 30). На христијанинот ќе му биде судено според Евангелието. Тоа Господ го објавил: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден (Јован 12:48). Макар што во книгата на природата се чита Бог, Творец и Добротвор, семоќен, премудар, предобар, бесконечно повисок од секоја твар, достоен да Му се поклони разумната твар, сепак, се чита Бог Кој, според Својата суштина, е недостапен за сознанието, за создавање каков било конкретен поим за Него, Бог повисок од секое сознание и од секој поим. Евангелието ни открива Бог Кој е еден и триипостасен по суштина; го открива началото – Отецот, го открива родениот од Отецот, совечниот на Отецот – Синот, го открива Оној Кој исходи од Отецот – Духот, славен и достоен на поклонување со Отецот и со Синот, еднаков со Нив, едносуштен со Нив; го открива и го благовести Искупителот, го води човекот и кон поклонување на вистинскиот Бог, но и кон посинување од Бога, кон соединување со Бога. Книгата на природата ја осветлува видлив, величествен џин – огромното и светлозрачно сонце; во Евангелието и од Евангелието блеска сонцето на вистината – Бог, кој се понизил до очовечување, до јасли и пештера, до погубување од раце на злосторници, блеска Првородениот од мртвите, Отецот на идниот век, Спасителот наш Господ Исус Христос. Слеп човек не може да биде гледач на чудата на природата; помрачен од гревот, слуга на светот и господар на овој свет не може да го препознае Христа и Неговото свето Евангелие. И светлината во темнина свети, и мракот не ја опфаќа. Зашто, секој што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината. А кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него. Секој што Го одречува Синот, нема и Отец (Јован 1:5; 3:20, 36; 1 Јован 2:23).
Сонце на залез е жива слика на состојбата на христијанството во нашето време. Сјае истото сонце на вистината, Христос, Тој испушта исти зраци; но тие веќе не излеваат иста светлина и иста топлина како во претходните времиња. Тоа е затоа што зраците не паѓаат директно врз нас, туку одат кон нас само косо, само пролетуваат и заминуваат покрај нас. Тие зраци на Сонцето на Вистината се Светиот Дух: „Светлина и давател на светлина на луѓето, преку кој Отецот се познава и Синот се прославува и од сите се препознава“.
Светиот Дух меѓу првите христијани наоѓал многу живи садови, живи храмови, достојни Тој да се всели во нив, да пребива во нив. Такви биле апостолите; таков бил првомаченикот Стефан; такви биле речиси сите членови на Црквата, којашто ја зацврстиле апостолите; такви биле светиите од сите времиња. Наоѓајќи христијанин верен на Христос, Светиот Дух слегувал врз него, го возобновувал според образот на Новиот Адам така што во неговата душа и во неговото тело внесувал непропадлива светлина од Бога и го исполнувал својот храм со духовни дарови. Духоносните луѓе изобилно го ширеле Христовото учење преку силата на духовниот збор, зацврстуван со силата на даровите на Духот, на своите браќа им пружале брзо и оплеменето напредување, учејќи ги – вели апостолот – на секоја мудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Христа Исуса (Колосјаните 1:28).
Денес, кога се зголеми бројот на богати со знаење, со вештини, со сè што е материјално, денес ги снема преподобните (Псалм 11:1). Погледнувајќи на синовите човечки, барајќи достоен сад во таа маса на самонаречени образовани, просветени, православни, Светиот Дух искажува жална осуда за нив: Нема ниеден разумен, нема кој да Го бара Бога. Сите се отстранија, заедно станаа негодни: нема кој да прави добро, нема ниеден. Грлото нивно – отворен гроб; со јазици свои мамат; под јазици нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи во пролевање крв; пустош и маки по нивните патишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни. (Римјаните 3:11-18).
Ете ја причината поради која Духот Божји нè избегнува, а Тој, навистина, е вистинското наследство на вистинските христијани, кои за сите нови Израилци го стекнал нивниот пресвет Родоначалник. Духот Божји е Свет, и почива во самите светии коишто себеси се распнале за светот, коишто го распнале телото свое со страстите свои и похотите (Галатјаните 5:24). Уште во Стариот Завет е јавено за Него: Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело (Битие 6:3). Тој преблаг Дух во раната Црква се симнал врз огласениот Корнилиј само во облик на крсни збор, и го исполнил со разни дарови, а сега нè избегнува, нас коишто веќе сме измиени со крштевањето, со намера да бидеме верни и православни, нè избегнува, макар што Тој , како Бог, не гледа кој е кој; нè избегнува за да не нè направи уште погрешни, со припојување на тешкиот грев на оскрбување на другите со нашите гревови, а тој грев го оскрбува Светиот Дух и го принудува да се оддалечува.
Денес зраците на Сонцето на вистината не паѓаат право на луѓето! Поради сè почестиот материјален, телесен живот, ретко, ретко се наоѓа на земјата жив сад на Светиот Дух. Човечките срца, поради својата нечистотија, станаа неспособни за непосредно примање и носење на Неговите слова; поспособна од човечките срца станала безживотната твар, барем онаа неизвалкана од гревот. Каде денес почиваат зборовите на Духот? Во книгите на Светото Писмо и во светите угодници Божји, во книгите напишани по наговор и под влијание на Светиот Дух. Светиот Дух на своите избраници им принесувал разни дарови, им назначувал разни служења. Едни назначил за пророци, други за апостоли, трети за пастири и учители, четврти за маченици за Христа, петти за нивно очистување со монашки подвизи заради Христа. Даровите се различни, различно е и служењето, но почетокот, изворот е ист: Светиот Дух, кој на секого му доделил дар, на секој му одредил служење по Своја волја и власт, како Бог. И книгите на светите Божји луѓе ги напишале, со помош на различни дарови на Духот, садовите на Духот коишто имале различноо служење, но сите се напишани или по наговор или под влијание на Светиот Дух. Светиот Дух веќе со самото тоа го покажува степенот на славата на своите живи храмови, и од еден блеска посилно, од друг поумерено. Како што ѕвездите на видливиот, небесен свод се разликуваат една од друга во слава, така е разновидно и духовното напредување на светите Божји луѓе коишто сјаат на црковното небо. На нивното дууховно напредување е сообразна и светлината којашто ја зрачат нивните книги: но сите тие се на небото, сите даваат светлина, мирис на Светиот Дух. Токму тие книги се светлина на залезното Сонце на вистината којашто преблагиот Бог ја одредил да ги осветлува последните часови на христијанскиот ден.
(Св. Игнатиј Брјанчањинов: Аскетски огледи)
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}