(57-61)


Советите на старците извршувајте ги на дело, и тогаш ќе разберете што ви говорат; ако не ги извршувате, никогаш не ќе можете само со зборови да го научите подвижништвото. Човек, кој сака да научи некоја уметност, го постигнува ли тоа само со зборови? Не, туку од самиот почеток почнува и самиот да работи и работи и греши, па го уништува она што го направил погрешно и неточно. И така малку – помалку, со труд и трпеливост, со Божја помош, тој ја изучува таа гранка на уметноста. Бог го гледа нашиот труд, а ја знае и нашата добра волја. А ние сакаме уметноста на уметностите да ја научиме само со зборови, без да почнеме да се трудиме и да работиме. Дали е ова можно? – Да внимаваме на себеси и внимателно да се трудиме, додека уште има време.


Особено треба да внимаваме да не бидеме измамени, зашто лажливецот не се соединува со Бога. Лагата му е туѓа на Бога. Во Светото писмо е речено: „Ѓаволот е лажец и татко на лагата“ (Јован 8,44). Ете, гледате дека лагата нѐ одделува од Бога и нѐ соединува со ѓаволот! - Затоа, ако навистина сакаме да се спасиме, тогаш сме должни со сета наша сила и со сета наша усрдност да ја сакаме вистината и да се пазиме од секоја лага, за таа да не нѐ одвои од вистината и од животот.


Има три вида лага: еден лаже со својата мисла, друг лаже со зборови, а трет лаже со самиот свој живот. – Со мисла лаже оној што своите претпоставки ги прима за вистина, односно своите сомневања за својот ближен; кога, на пример, ќе види дека некој говори со својот брат, и почне да си прави претпоставки и си мисли, дека тие говорат за него. Или нешто друго слично на ова. – Ете, ваквиот лаже со својата мисла, зашто тој не говори ништо вистинско, туку говори само врз основа на својата претпоставка, а од ова произлегуваат: озборувањето осудувањето и непријателството. – Со еден збор, лаже оној, кој бил мрзлив да стане за бдение, но не вели: „Простете, мене ме мрзеше да станам“, туку вели: „Имав температура“. Бев болен, а измислува уште многу други зборови, - и сето тоа го прави затоа што не сака да направи еден поклон и да се смири. Исто така, ако има некаква желба, тој нема отворено да каже: „Јас го сакам тоа и тоа“, туку ги обрнува сите свои зборови, укажувајќи на тоа,ту дека е болен, ту дека има потреба, сѐ додека не ја задоволи желбата. На таквиот, најпосле, престануваат да му веруваат и тогаш кога говори вистина. – Со својот живот лаже оној, кој, бидејќи блудник, се прикажува како човек што се воздржува, или бидејќи користољубив, - се прави дека е милостив, или, бидејќи горделив, се преправа и се прикажува како смирен.


Да се грижиме за себеси. Кој ќе ни го даде пак ова време, што го имаме сега? Кој ќе ни го даде, ако попусто го загубиме? Навистина, ќе дојде време кога ќе ги бараме овие денови, кои ги имаме сега и нема да ги најдеме. Авва Арсениј секогаш си велел на себеси: „Арсениј, зошто излезе од светот и дојде во оваа пустина?“.


Кога би сакале да се потрудиме малку и да се подвизуваме, не би имале ни жалости ни тешкотии. Зашто, ако некој се принудува себеси на подвизи, тој, продолжувајќи да се подвизува, ќе почне постепено да успева, а потоа ќе почне спокојно да напредува и во добродетелите, зашто Бог, гледајќи го дека се труди, му ја дава Својата помош. Да се принудуваме себеси, зашто, иако уште не сме достигнале совршенство, но ако продолжиме да се трудиме и да се подвизуваме, ќе ја добиеме Божјата помош, а со неа ќе ги придобиеме сите добродетели. Затоа и некој од оците рекол: „Дај крв и прими дух“, односно труди се во подвизите и ќе добиеш навика за добродетелите.


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С.