34.  Сакам да го ограничувам својот стомак и да му ја намалам храната, но не можам. Ако понекогаш и ја намалам, но по извесно време пак се враќам на истата мерка. Истото го правам и со пиењето? – Откаде доаѓа ова? Од ова никој не може да се ослободи, освен оној кој успеал да дојде до таква состојба, за да може да рече: „заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое“ (Псал. 101, 5-6). Тој брзо успева да ги намали храната и пиењето; нему неговите солзи му служат место леб и, најпосле доаѓа до тоа – да се храни со Светиот Дух. Верувај ми, брате, и јас познавам човек, кој има таква мерка; тој јаде еднаш или двапати во седмицата, а често се издигнува до духовната храна и од нејзината вкусност ја заборава земната храна, па кога ќе му дојде времето да јаде леб, му се чини како да е наситен и не му се јаде, се самоосудува и си вели: „Зашто секогаш не сум во ваква состојба?“ Па настојува уште повеќе да успева во ова.


35.  Како се доаѓа до ваква состојба? – Тогаш кога сите човечки помисли се една целина во Бога; тогаш и нашето тело ја следи помислата во Бога. Тогаш се јавува и радоста на Духот во срцето, која ја храни душата и го ухранува телото, укрепувајќи ги и душата и телото. Таквиот човек не ослабнува и не се очајува, зашто тогаш нашиот Спасител Господ Исус Христос станува негов Закрилник и го поставува близу до претсобјето, таму „тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат“ (Иса. 51,11) и на него се исполнуваат зборовите од Светото писмо: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Матеј 6,21). Смирението го доведува човекот до ваква состојба.




36.  Како да правиме разлика меѓу немоќта на телото, која доаѓа како последица од воздржувањето, односно вистинската телесна немоќ од онаа, со која нѐ напаѓа демонот? И како треба да ја јадеме нашата храна? Ако телото ја прима својата секојдневна храна, според обичната мерка на воздржувањето и пак се чувствува раслабено, тогаш чувството на раслабеност доаѓа од демоните, а напротив, ако раслабеноста е последица од зголемената мерка на воздржувањето, тогаш таа е природна. Обичната мерка на воздржувањето е: да стануваме од трпеза со чувство на ненаситеност, како што одредиле првите духовни оци за почетниците во монашкиот живот. А кога потоа човекот ќе се утврди во ова и се научи на поголема воздржливост, тогаш, кога е научен преку својот сопствен опит, не може веќе да биде скриено од него – колку треба да јаде.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

19-ти февруари 2018 лето Господово

 

 

 Друго: