лого

Свети Јован Лествичник

4. За борбата со осумте главни страсти

д ) Борба со жалоста

1.    Кој го намразил светот, тој избегал од жалоста. Ако некој уште е приврзан за нешто видливо, тој уште не се избавил од неа, зашто како нема да се ожалостиш, кога ќе бидеш лишен од нешто што го сакаш? Иако во сѐ треба да бидеме трезвени и присебни сепак најмногу да бидеме внимателни и разумни во однос на ова.

2.    Кога игуменот на нашето манастирско братство, ни причинува, за наше добро извесни непријатности и тешкотии, давајќи ни различни здодевни задолженија, тогаш треба да Го замислуваме сесветскиот Судија и страшната Негова пресуда што ни ја изречува, како и бескрајната мака и жалост, и нема никакво сомневање, дека ќе ги погубиме обете со остриот меч, кој има две острици.


3.    Ако паднеме во некој грев, тогаш, пред сѐ, да се бориме против духот на жалоста, зашто тој, кога ќе застанеме да се молиме, ни напомнува за нашата некогашна смелост пред Бога, сакајќи да нѐ оддалечи од молитвата.


4.    Љубовта спрема понижувањето е лекарство против раздранителноста; пеењето на псалмите, милосрдноста и несреброљубието се убијци на жалоста.


5.    Како што големата количина на дрва го загушува и изгаснува пламенот и предизвикува многу чад, така и прекумерната жалост ја прави душата зачадена и темна; таа ја исушува и водата на солзите.


6.    Тесниот пат се одликува со понижувања, прекори, подбивања, исмејувања и со постојани тешкотии. Овој пат е спасоносен, ако храбро трпиш кога те навредуваат; ако не негодуваш – кога те клеветат; ако не се гневиш – кога те понижуваат и ако се смируваш – кога те осудуваат. Блажени се оние што одат по овој пат, зашто нивно е царството небесно (сп. Матеј 5, 3-12).


7.    Доброволното претрпување на сѐ што е непријатно и тешко е вистинскиот пат на покајанието.

8.    Да се сметаме за достојни не само на оние видливи и невидливи маки и страдања, што ги трпиме, туку и на други уште поголеми од нив е непогрешен белег на вистинското покајание.



9.    Како што водата, кога се стеснува, се подигнува нагоре, така и душата, која е притеснувана со различни маки и страдања, потрчува во покајание кон Бога и кон своето спасение.


10.    Некој брат Авакир во некој манастир, секој ден го навредувале, а оние што прислужувале на трпезата речиси секој ден го изгонувале од трпезаријата, така што често останувал без јадење. Јас, кој го пишувам ова, го прашав еден денː „Како гледаш на сето ова, брате?“ – Тој ми одговориː „Верувај ми, оче, овие мои оци и браќа сакаат да видат дали сум вистински монах. – И бидејќи тие го прават тоа со добра намера, јас, знаејќи го тоа, со радост претрпувам сѐ и не сум жалосен“ – А на својата смртна постела, по две години, реколː „Ви благодарам, браќа, зашто поради сето што ми го правевте и што ме искушувавте во текот на овие седумнаесет години, јас бев слободен од демонските искушенија.“




11.    Некој друг монах, по име Македониј, заслужено бил накажан со тоа – да биде меѓу монасите – почетници. А кога му завршила казната, тој самиот замолил и понатаму да го остават под истата унижувачка епитимија, сметајќи се за голем грешник. Потоа се исповеда пред мене и ми речеː „Никогаш пред тоа не сум чувствувал таква леснотија во мојата внатрешна борба и никогаш, како сега, не сум ја чувствувал во себе и сладоста на божествената светлина.“


12.    Кога ни задават рани со тоа што нѐ изобличуваат, да си спомнуваме за нашите гревови, сѐ додека Господ, гледајќи ја нашата мака, како и злото што ние самите си го правиме, не ги избрише нашите гревови и маките, што го нагризуваат нашето срце и не ги претвори во радост, како што вели за тоа светиот пророк и псалмопеачот Давидː „Кога се намножуваа тешкотиите и во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја (Псал. 93, 19).



13.    Блажен е оној, кого го унижуваат и прекоруват заради Бога, а тој се принудува да претрпува сѐ! Тој ќе се радува заедно со мачениците и смело ќе собеседува со ангелите. – Оној што го отфрла од себеси праведното или неправедното изобличение, тој го отфрла своето спасение, а кој го прима, со жалост или без неа, тој набргу ќе добие простување на своите гревови.


14.    Синко мој, ако уште од самиот почеток доброволно прифатиш да го поднесуваш унижувањето, тогаш нема да мораш многу да се трудиш за придобивањето на блаженството од душевниот спокој.


15.    Како што малиот оган омекнува голема количина восок, така и најмалото унижување често го смекнува нашето срце, го насладува и ја отстранува сета негова ожесточеност, ја отстранува од него сета нечувствителност и грубост.


16.    Непријатностите, унижувањата и сѐ што е слично на ова е слично на горчевината од пелин во душата, а пофалбите, честа и одобрувањата – се мед. Но пелинот ја чисти секоја внатрешна нечистотија, а медот обично го зголемува излачувањето на жолчката.



Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

23-ти март 2018 лето Господово

 

 

Друго:

  • Поуки од Светите Отци

preminportal.com

 

TVITer270

П.П. 2018-03-25 08:33:25