Букет од цвеќиња
од Илија, најмал од презвитерите и Екдик



216.  Не е толку тешко да ѝ се пресече патот на реката, за да не тече надолу, колку што е тешко да му се попречи стремежот на умот, за да не се влече по видливите работи, туку да се устреми нагоре кон она што му е сродно сосредувајќи се во молитвите, иако му е ова својствено по природа, а другото е сосема спротивно на неговата природа.


217.  Не така брзо трчи ослободениот пленик кон својата татковина, по долговремената оддалеченост од неа, како што умот човечки, откако ќе се ослободи од страсната приврзаност кон земното и телесното, со голема радост и со силен стремеж се устремува кон нему сродните небесни работи.


218.  Оној што не се моли со внимание, тој е расеан во својата молитва, на него псалмот му е неразбирлив, како да е на друг јазик, а и тој самиот за псалмот – останува туѓ (1. Кор. 14, 17). Демоните од сето тоа си прават подбивање.


219.  Не е сѐ едно – дали му е светот распнат на светиот или – тој му е распнат на светот. Зашто за едни, клинци се – постот и бдеењето, а за други – нелакомството и самопонижувањето. Кој ги нема овие вторите, трудовите од првите не му се корисни.


220.  Не може чисто да се моли оној, кој ја сака телесната убавина и кој е врзан од страста на честољубието. Зашто страсната приврзеност и суетните помисли таквиот го врзуваат како верига, а кога се моли – тие го симнуваат долу, како што бива и со врзаната птица, кога се обидува да се издигне во воздухот.


221.  Не може умот да биде мирен за време на молитвата, ако пред тоа не се спријатели со воздржувањето и со љубовта; воздржувањето се труди да го отстрани непријателството на телото против душата, а љубовта – да го отстрани непријателството на душата против ближнит, заради Бога, од што, на крајот доаѓа „Мирот Божји, што надвишува секој ум“ (Филип. 4, 7) и си прави за Себе живеалиште за во оној, кој на тој начин го нашол својот мир (сп. Јован 14, 23).




222.  Кон делото на правдата на оној, кој се подвизува за да влезе во царството Божјо, неопходно е да има изобилие на добрини: во правење милостиња „од својот вишок“ (Марко 12, 44; Лука 21, 4); и во трудовите, претприемани заради мирот – преку истоштување и трпение во Господа.


226.  Едни од страстите се телесни, а другите се духовни. Оној што се ослободува од телесните, а за духовните не пројавува никаква грижа, тој е сличен на човек, кој, заради заштита од ѕверовите си направил силна и висока ограда, а на небеските птици со задоволство им дозволува да колват од прекрасните зрели гроздови на духовното лозје.


230. Не можно е да не ги отвориме нашите телесни сетива, како што е неможно и градските врати да не бидат отворени. Но неопходно е да внимаваме – кога ги отвораме за нешто потребно и корисно, да не влезе тогаш низ нив нешто, што ќе им биде од корист на нашите непријатели, па тоа да не стане причина за борба.


234.  Многумина се издигнуваат на крст на добротворни страдања и телесни лишувања, но малкумина ги примаат неговите клинци засекогаш. Многумина стануваат робови на доброволната послушност, а доброволно се предаваат на подбивање само оние, кои се откажале од честољубието.




240.  Во кого пред сѐ не претходи стравот Божји, нивните помисли биваат збркани; тие се како овци без пастир. А каде стравот Божји претходи и оди заедно со оние што внимаваат на себеси – во нив помислите се во покорност и исправност какви што се овците во трло.




241.  Стравот Божји е син на верата; тој се грижи за исполнувањето на Божјите заповеди, како овчарот што ги води своите овци на богато пасиште. – Кој не ја придобил неговата мајка – верата, тој никогаш нема да се удостои да биде овца од Господовото стадо.



Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том III.

 

 

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

3-ви април 2018 лето Господово

Друго:

  • Поуки од Светите Отци

preminportal.com