Поуки од свети Макариј Велики

За вистинскиот христијански живот


6. Состојба на оние што ј почувствувале примената благодат


г) Копнеејќи сѐ повеќе и повеќе по Господа, таквите луѓе чувствуваат дека се сиромашни и лишени од сѐ. Затоа е смирението кај нив длабоко вкоренето чувство, а тоа е и услов за секое натамошно напредување.


195.  Како е можно некој да се чувствува духовно сиромашен, особено тогаш кога и самиот знае дека е изменет, дека напреднал, дека дошол до знаење и разбирања, какви што пред тоа немал? Додека човек не ги придобие овие работи, тој не се смета за сиромав духовно, туку има многу високо мислење за себе си. А кога дојде до ова разбирање и до некаков успех, тогаш самата благодат го учи да биде смирен – духовно сиромашен, иако е тогаш праведник и Божји избраник. Тој тогаш смета дека е никој и ништо; мисли дека неговата душа е грешна и уништена; мисли дека ништо не знае и дека нема ништо, иако многу знае и многу има. Ваквата мисла станува како вродена и длабоко вкоренета во неговиот ум. Не слушаш ли како праотецот Авраам, кој бил Божји избраник, се нарекувал земја и пепел (1. Мој. 18, 27)? И Давид, кој бил помазан за цар Го имал Бога пред себе си и велел: „Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот“ (Псал. 21, 6). Затоа, оние што сакаат да бидат нивни сонаследници, сожители на небесниот град и да се прослават заедно со нив, и тие треба да имаат такво смирение и да немаат високо мислење за себе си, туку треба да имаат скрушено и смирено срце. (12, 3-4).



196.  Оној што ја примил благодатта, тој се смета поглем од сите грешници. Оваа мисла е всадена во него како да му е природна. И колку повеќе и подлабоко навлегува во познавањето на Бога, толку повеќе мисли дека ништо не знае. И колку повеќе учи, сѐ повеќе е уверен дека ништо не знае. Оваа мисла ја потпомага и крепи Божјата благодат во душата како да е нешто природно. (16, 12).


197.  Оние што се опитни пред Бога се сметаат за сосем мали и неопитни. Оваа мисла е всадена во нив како да им е природна. За нив е сосема природно и неопходно да се сметаат сосема ништожни и незнатни. Зар тие не знаат што им е дадено? Зар не знаат дека немале ништо и дека добиле нешто што е необично за нивната природа? Ви велам, тие не се свесни за тоа дека се опитни и дека напреднале духовно; не знаат што немале и што добиле. Благодатта Божја, која им се дава на таквите луѓе, ги учи да мислат дека не напреднале, да не мислат високо за себе си, па затоа и сметаат дека се ништожни. Иако се скапоцени пред Бога, тие не мислат така за себе си; иако напреднале духовно, иако имаат совршено Богопознание, тие сметаат дека ништо не знаат; оние што се навистина богати пред Бога – тие самит себе си се сметаат за сиромаси. (27, 4-5)


198.  Ако видиш некого кој понекогаш се гордее и говори дека ја примил благодатта, па макар и чуда да прави и мртви да воскреснува, ако не смета дека е духовно сиромав и ништожен и одвратен пред Бога, таквиот е измамен од лошите духови, без да го знае тоа. На таквиот и чуда ако прави, не треба да му веруваме, зашто белег на христијанството и на оној што има опит пред Бога е: грижата да се скрива тоа од луѓето. Па, ако ги има и сите царски сокровишта, тој ги крие и секогаш говори: „Не се мои овие сокровишта, мене ми се дадени само да ги чувам; јас сум сиромав, кога и да посака – оној што ми ги доверил може да си ги земе“. А ако некој говори: „Јас сум богат, достатно ми е ова што сум го спечалил; повеќе не ми е потребно“. Ваквиот човек не е христијанин, туку е сад на измамата и на ѓаволот. Зашто насладувањето со Бога е ненаситно, и колку повеќе луѓето јадат и пијат, толку повеќе огладнуваат и ожеднуваат. Таквите луѓе имаат силна и незадржлива љубов спрема Бога, па колку повеќе се грижат да напредуваат и духовно да се збогатуваат, толку повеќе се сметаат за сиромаси, мислејќи дека немаат ништо и дека ништо не придобиле. Тие велат: „Јас сум недостоен сонцето да ме грее“. Ваквото смирение е белег на христијанството. (15, 35)


199.  Ако некој не го запази ова големо смирение, тој ќе му биде предаден на сатаната и ќе ја загуби и онаа благодат што му е дадена и тогаш ќе се покаже каков е тој – дека е гол и сиромав. Затоа оној што се збогатува со божјата благодат – треба да живее во голема смиреност и срдечна скрушеност, да смета дека нема ништо и дека е сиромав, па да вели: „Сѐ што имам – туѓо е; друг ми го дал и секогаш кога ќе посака – може да ми го земе“. А кој се смирува вака пред Бога и пред луѓето, тој може да ја запази благодатта што му е дадена, како што е речено: „Кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Матеј 23, 12). Кога е Божји избраник, тој треба да се самоосудува, и кога е верен да се смета за недостоен. Ваквите души Му угодуваат на Бога и Христос ги оживотворува. (41, 3)



Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

28-ти април 2018 лето Господово

Друго:

  • Поуки од Светите Отци