Zvonko.sv.Vasa10

Оној што се подвизува против гревот на дело и започнува да се бори против страсните помисли на разумот, се држи за смирението, скрушеноста и подвигот, та преку маките на подвигот малку по малку се очистува и доаѓа во својата природна состојба. Како што веќе рековме, човекот од незнаење и гордост се смутува кога ќе го притисне страста. Попрво би требало смирено да ја спознае својата мера и да истрае молејќи се, сѐ додека Бог не го помилува. Всушност, да не беше искушуван и да не ја доживееше тагата од притисокот на страстите, немаше ни да се бори, и никогаш немаше да се очисти од нив.

И Псалмот вели: грешниците никнуваат како трева и се подигаат сите кои вршат беззаконие за да бидат истребени во сите векови (Пс. 91, 8). Грешниците што никнуваат како трева, тоа се страсните помисли. Зашто тревата е слаба и нема сила. Кога никнуваат страсните помисли во душата, се подигаат и се јавуваат сите кои вршат беззаконие, т.е. страстите, и тоа за да бидат истребени во сите векови. Страстите се искоренуваат тогаш кога ќе се појават кај оние што се подвизуваат.


Увидете ја постапноста во ова. Прво никнуваат страсните помисли, потоа се подигаат страстите, и најпосле се искоренуваат. Сето тоа важи за оние што се подвизуваат. Ние пак, што вршиме грев на дело и секогаш ги исполнуваме страстите, не знаеме кога никнуваат страсните помисли ниту кога се подигаат страстите, за да се бориме против нив. Ние сѐ уште сме долу, во Египет, при бедното правење тули за фараонот. И кој да ни даде макар да ја почувствуваме горчината на своето ропство, за да се смириме и да бидеме помилувани?


авва Доротеј

 

За Преминпортај Дејан Блажевски

 

27ми декември 2020 лето Господово