ISPOVEDANJE

„На луѓето секогаш им го давам овој совет и барам да се придржуваат:
1. Да станат свесни за својот проблем, односно, за својата отуѓеност од Бога,
2. поради тоа да се покајат и
3. смирено да отидат на исповед.


Луѓето денес, повеќе отколку било кога, се подложни за ѓаволско влијание во нивните животи и ќе бидат безбедни само доколку ги следат гореспоменатите совети“.
Еден ден го посетив старецот заедно со уште тројца монаси. Инсистираше дека во умот постојано мораме да имаме добри помисли. Го зеде Стариот завет и почна да ни чита извадок за царот Дариј, кој го фрлил пророкот Даниил во лавовска јама (Дан. 6, 14-18).
Старецот го коментираше фактот, дека утредента и самиот цар слегол во јамата за да види дали лавовите го растргнале Даниила и запрашал: Данииле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, може ли да те избави од лавовите"? Даниил одговорил: Царе, жив да си довека!... Тогаш царот многу се зарадува за Даниила (Дан. 6, 20, 21 и 23).
Старецот потоа додаде:
„Даниил да размислувал негативно, би му рекол на Дарија: „Срам да ти е! Не само што ме фрли во лавовската јама, туку, уште имаш и смелост да ме прашуваш дали сум добро!“
Меѓутоа, тој секогаш имал добри помисли и поради тоа Бог ги спречил лавовите да го раскинат.


Истото би можело да се примени и на трите момчиња во вжарената печка. Тие не роптале против Бога, ниту се прашувале: „Зошто Бог допушти да бидеме фрлени во вжарената печка, кога секогаш се покорувавме на Неговите закони?“ Напротив, тие се укоруваа себеси и Го прославуваа Бога: Да си благословен, Господе, Боже на татковците наши, нека е фалено и прославувано името Твое во сите векови. Зашто Ти си праведен вo се што направи со нас и сите Твои дела се вистински, патиштата Твои се прави и судовите Твои се вистински. Ти изврши вистински суд вo се што испрати против нас и против Ерусалим, светиот град на татковците наши, бидејќи по вистина и по суд Ти го испрати сево ова против нас заради гревовите наши. Оти ние згрешивме и постапивме против законот кога отстапивме од Тебе, и во се згрешивме. Заповедите Твои не ги слушавме и не ги пазевме и не постапувавме како што ни беше заповедал, за да ни биде добро (Дан. 3, 26-30 - Молитвата на Азариј и Химната на трите момчиња).
„Ја забележувате ли“, не запраша старецот Пајсиј, „позитивната природа на мислата нa трите момчиња, што е во непосредна врска со нивното смиреноумие? Добрите и смирените помисли можат да ги припитомат и лавовите, да ја изладат вжарената печка и да ја преобразат во небесно место. Своите проблеми мораме да ги прифатиме со трпеливост, добри помисли и смиреноумне и на тој начин да и допуштиме на Божјата благодат да ни помогне,“.


Старец Пајсиј

 

 Избор од фб профил на

Risto Tanev