TViTer59

Само оние што Го љубат Единиот Бог, и оние што се откажале од секаква светска љубов, ќе бидат во состојба до крај да го извршат подвигот. Но сосем е мал бројот на луѓето што имаат таква љубов кон Бога, кои се откажале од сите светски желби и задоволства и кои можеле смело да ги поднесат сите искушенија и напади на лукавиот. Голем е бројот на оние што сакаат да се удостојат со Небесното Царство без напори и подвизи и без пролевање пот, но тоа не е можно.

Затоа, треба да Го возљубиме Господа и со сите сили да се трудиме да напредуваме во добродетелите, неуморно и непрестајно да се молиме, и во потполност и совршено да го примиме Неговиот Дух според ветувањето, за да се оживотворат нашите души уште додека сме на земјата, во телото. Зашто, ако душата уште во овој живот не Го прими Светиот Дух, заради нејзината вера и молитва, ако не стане причесник на Божествената природа, исполнувајќи се со благодатта на Светиот Дух, со чија помош непорочно и чисто ќе ја извршува секоја заповед, таа не може да биде погодна за Небесното Царство.

Божјата премудрост е безгранична и непоимлива за нашиот ум. Ние не можеме да сфатиме на какви сè разновидни начини му се раздава благодатта на човечкиот род, за да се провери слободната волја на секој човек, за да се пројават оние кои Го љубат Бога со сето свое срце и кои се подготвени заради Него да преминат низ секаква опасност и да преземат секаков труд. Зашто некои, уште додека живеат во светот, без напори и истоштувања, штом пристапат со вера и со молитва, веднаш ги стекнуваат даровите и полнотата на Светиот Дух.

Но, Бог не ја дава благодатта без причина, не во невреме и не туку така, но според неискажливата и несфатлива мудрост, за да се испита довербата и самовласната волја на оние што брзо ја добиваат благодатта, т.е. дали ги чувствуваат добрината и милоста што им се укажани и сладоста Божја што им била возвестена без никакви нивни напори. Зашто, откако ќе се удостојат со овие дарови, тие се должни да покажат ревност, неуморност, подвиг и плод на љубовта со својата волја и тежнеење, да возвратат за даровите, т.е. наполно да се предадат себеси на љубовта Божја, исполнувајќи ја само волјата Господова, совршено оддалечувајќи се од секоја телесна желба.

Кој сака да Му пристапи на Господа, да се удостои со вечниот живот, да стане живеалиште Христово, да се исполни со Светиот Дух, да дојде во состојба да ги принесува плодовите на Духот, чисто и беспрекорно да ги исполнува заповедите Христови – треба да почне со тоа што цврсто ќе поверува во Господа, наполно ќе им се предаде на заповедите Негови, во сè ќе се одрече од светот и умот нема да му биде зафатен со ништо од видливото.

Таквиот треба непрестајно да пребива во молитва со вера и да Го очекува Господа, т.е. Неговата посета и помош, што треба да стане непрестајна цел за умот. Освен тоа, заради гревот кој живее во него, треба да се принудува себеси на секое добро дело, на исполнување на сите заповеди Господови. Така на пример, треба да се подвизува во смиреноумие пред секој човек, да се смета себеси за понизок и полош од секого, од никого да не бара чест, ни пофалба, ниту слава, како што е напишано во Евангелието, туку секогаш пред очи да Го има единствено Господа и Неговите заповеди, Нему единствено сакајќи да Му угоди во кротоста на срцето, како што говори Господ: „Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокој за душите ваши“. (Мат. 11, 29).

Свети Макариј Велики

Извор:
https://www.tiveriopol.mk/zasto-sum-krotok-i-smiren-po-srce/?fbclid=IwAR3ouZLKCJEFJGdbScGRJ3c0_9xudrn4p8vEZmrjpgaUec_KVYtJr3OzITo

 

Друго:

19 јануари/1 февруари

Прeп. Макариј Вeлики. Мисирeц e и eдeн oд пoмладитe сoврeмeници на св. Антoниј Вeлики. Таткo му бил свeштeник. Oд пoслушнoст кoн рoдитeлитe, тoј сe oжeнил, нo наскoрo му умрeла жeната и тoј сe oддалeчил вo пустината, кадe штo пoминал цeли 60 гoдини вo труд и бoрба, внатрeшна и надвoрeшна, за царствoтo нeбeснo. Кoга гo прашувалe зoштo e тoлку сув и кoга јадe и кoга нe јадe, тoј oдгoвoрил: “Oд стравoт Бoжји”. Тoлку успeал да гo исчисти свoјoт ум oд лoши мисли и свoeтo срцe oд лoши жeлби, штo Бoг oбилнo гo надарил сo дар на чудoтвoрствo, така штo и мртви oд грoбoви вoскрeснувал. Нeгoвoтo смирeниe ги зачудувалo и луѓeтo и дeмoнитe. Eднаш дeмoнoт му рeкoл: “Има самo eднo вo штo јас нe мoжам да тe надвладeам; тoа нe e пoстoт, бидeјќи јас никoгаш ништo нe јадам; тoа нe e бдeниeтo бидeјќи јас никoгаш и нe спијам”. “Туку штo e тoа” – запрашал Макариј. “Твoeтo смирeниe” – oдгoвoрил дeмoнoт. На свoјoт учeник Пафнутиј чeстoпати Макариј му гoвoрeл: “Нe oсудувај никoгo и ќe бидeш спасeн”. ¤ивeeл 97 гoдини. Дeвeт дeна прeд нeгoвата смрт, oд oнoј свeт му сe јавилe св. Антoниј и св. Пахoмиј и му сooпштилe дeка пo дeвeт дeна ќe умрe и така и сe случилo. Уштe, прeд самата смрт, му сe јавил хeрувим кoј вo визија му гo oткрил блажeниoт нeбeсни свeт, гo пoфалил нeгoвиoт труд и нeгoвитe дoбрoдeтeли и му рeкoл дeка e испратeн да му ја зeмe душата за вo царствoтo нeбeснo. Сe упoкoил вo 390 гoдина.