TViTer214

Христос воскресе!


          Некој ќе праша: Зошто се вели дека воскреснатиот Господ ја победи смртта, а луѓето сè уште умираат?
Секој влегува во овој живот низ мајкината утроба, секој заминува од овој живот низ смрт и гроб. Тоа е правило. Само што за нас кои веруваме во Христа смртта повеќе не претставува мрачна бездна, туку раѓање за нов живот и враќање во својот дом. Гробот за нас повеќе не е вечен мрак, туку само една врата на која нè чекаат сјајни ангели Божји. За сите кои се исполнети со љубов кон прекрасниот и човекољубив Господ гробот станува само последна препрека пред да се најдат во неговото присуство - и тоа пречка тенка како пајажина. Затоа славниот апостол Павле вели: ..За мене живот е Христос, а смртта - придобивка" (Филип. 1, 21). Како Христос да не ја победил смртта кога таа веќе не се гледа. Гробот не е повеќе длабока бездна, бидејќи тој го пополни со себеси: гробот не е повеќе темен, бидејќи тој го осветли: ниту гробот е веќе страв и ужас, бидејќи не значи крај на животот, туку почеток: ниту гробот е наша вечна татковина, туку само врата кон таа домовина. Разлика помеѓу смртта пред и по воскреснувањето на Христос е како разлика помеѓу страшен пожар и пламен на свеќа. Толку темелна е победата Христова и така победата ја проголта смртта (1. Кор. 15, 54).
          И натаму некој ќе праша: Зошто се вели дека воскреснатиот Господ го победил гревот, кога луѓето сеуште грешат?
Господ навистина го победи гревот. Тој го победи гревот со своето безгрешно зачнување и рождество; го победи со својот чист и безгрешен живот на земјата; го победи со своето праведничко страдање на крстот, и на крајот сите тие победи ги круниса со своето славно Воскресение. Тој стана лек, сигурен и непогрешлив лек против гревот. Само Христос може да го излекува оној кој е заразен со грев. Кој не сака да греши, само со помош на Христа може таа своја желба да ја оствари.

        Кога беше пронајдена вакцината против сипаниците, луѓето извикаа: ја победивме таа болест! Исто така зборуваа кога беа откриени и други ефикасни лекови против други болести. Зборуваа: Ја совладавме таа болест! Ја победивме таа болест! Да се пронајде лек против некоја болест, тоа значи победа над болеста. Христос е неспоредливо најголемиот лекар во историјата на човештвото, оти им донел на луѓето лек против болеста над сите болести, односно лек против гревот од кој се раѓаат сите други болести и сите други маки на луѓето, и душевни и телесни. Тој лек е самиот Тој. воскреснатиот и живиот Господ. Тој е единствениот и единствено сигурен лек против гревот.

          Ако луѓето и ден-денес грешат и од грев пропаѓаат, тоа не значи дека Христос не го победил гревот, туку тоа само значи дека тие луѓе не го земаат соодветниот лек против својата смртоносна болест, значи, луѓето или суште не го познаваат доволно Христа како лек или, ако го познаваат, сепак не го употребуваат од некакви нејасни причини. Но историјата сведочи со илјадници и илјадници гласови дека оние што го примија тој лек на својата душа и го зедоа за своето тело, се исцелија и станаа здрави. Познавајќи ја слабоста на нашата природа, Господ Исус Христос им наредил на верните Него да го земаат како храна и напиток под видлив облик на леб и вино. Тоа го направи Човекољубецот поради неизмерната љубов спрема луѓето, само за да им го олесни приодот кон животодавниот лек против гревот и против гревовното распаѓање...Кој јаде од Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него... ќе живее преку Мене" (Јован 6, 56-57).

          Оние што грешат се хранат со гревот, а поради гревот животот во нив постепено се губи. Оние пак што се хранат со живиот Господ, всушност се хранат со животот, а животот во нив се повеќе се намножува, а смртта се намалува. А колку животот се намножува,толку смртта се намалува. А колку животот се намножува, толку повеќе гревот станува омразен. Блуткавата и жалосна сладост на гревот се заменува со животодавната и радосна сладост на Христа Победителот. Блазе им на оние што ја испитаа и ја вкусија оваа тајна во својот живот. Тие можат да се наречат синови на светлоста и деца на благодатта. Кога ќе се преселат од овој живот, ќе отидат како од болница, но не веќе како болни, туку како наполно излекувани.

 

Св.Николај Охридски - Омилии