Свети Теофан Затворник

 Вложување во небесната ризница. Богоугоден живот. Мечтаењата на “прогреснивните“ за сеопштото добро на човештвото и нивната лажливост.

Многу ми е драго што сте го примиле при срце она што го напишав во минатото писмо и што се сложувате. Треба да се држите токму така. Господ нека Ви помогне!

pendzer.jpgБог ни го дал овој живот за да имаме време да се подготвиме за оној. Овој е краток, а оној бескраен. Но иако е краток, во неговиот тек човек може да се опскрби за цела вечност. Секое добро дело тука се похранува како еден мал влог; од сите тие влогови настанува општ капитал чии проценти ќе ја одредат платата на вложувачот за цела вечност. Кој повеќе ќе вложи, тој и поголема плата ќе добие; кој вложи помалку – нему и платата ќе му биде помала. Господ секому му дава според неговите дела.

Ете, тоа сега треба да биде сета наша грижа – да испратиме таму што повеќе влогови. И таа грижа не е тешка, како не уверува Самиот Господ кога вели: Јаремот Мој е благ, и бремето мое е лесно (Мт: 11,30). Ви го објаснував тоа кога стануваше збор за помислите кои Ве вознемириле, да не тагувате оти божем живеете бескорисно ако продолжите така. Целокупното устројство на христијанскиот живот е вакво: верувај во Бога Кому во Троица Му се поклонуваме и Кој не спасува во Господ Исус Христос, со благодатта на Светиот Дух, и примајќи благодатни сили низ Божествените Тајни на светата Црква живеј по заповедите на Евангелието, исполнувајќи се со надеж во душата дека нас Бог, заради тој мал напор, кој и одговара на нашата сила, и заради верата во Господ Спасителот и послушанието кон Него, нема да не лиши од Царството Небесно. Тоа особено го додавам, за да видите во каков дух ние христијаните треба да ги твориме своите дела. Оти некои велат; дејствувај, дејствувај, а други: верувај, верувај. Треба и едното и другото: верата да ја соединуваме со дела и делата со верата.

Но сепак, вниманието сега треба да го восредоточиме на исполнувањето на заповедите. Веќе веруваме – и што уште? Извршувај ги заповедите – оти верата без дела е мртва. И фала Му на Бога што Нему Му било угодно вредноста на нашите дела да не ја одредува со нивната широчина и големина, туку со нашето внатрешно расположение во текот на извршувањето на тие дела, и што нас не опкружил со мноштво прилики да делуваме по Неговата волја, така што, ако внимаваме на себе, можеме секој час да совршуваме богоугодни дела. Нема потреба заради тоа да одиме преку морето како “напредни“; доволно е во било кој момент да се свртиме околу себе; ако на нешто го видиш печатот на заповедта изврши ја веднаш во уверение дека во тој момент токму тоа дело, а не некое друго, Самиот Бог го бара од тебе.

Потрудете се уште поцврсто да се утврдите во таквата мисла. Штом се утврдите, спокојство почнува да се влива во вашето срце заради убедувањето дека во секој момент Му служите на Господ. Тоа начело е сеопфатно. Дури и кога ќе Ви наредат да ги закрпите чорапите на помладиот брат и Вие тоа го направите заради Господовите заповеди, тоа ќе биде придодадено на збирот на богоугодни дела. Така е со секој чекор, со секој збор, дури и со движење и поглед – се може да се претвори во средство да се чекори според Божјата волја, и сходно на тоа, веднаш да приближи кон крајната цел.

Напреднатите го имаат во вид целото човештво и во нешто помала мерка својот народ. Но човештвото или народот не постојат како едно лице, за да може за нив сега да се направи нешто конкретно. Тоа се состои од поединечни луѓе: правејќи нешто за едниот, правиме и за целото човештво Ако секој прави што може за оној кој му е пред очи, тогаш сите луѓе во целина во секој момент би го правеле она што е потребно на сите неволници, и, задоволувајќи ги нивните потреби, би постигнале добро за целото човештво, кое е составено од оние кои имаат и оние кои немаат, од слаби и јаки. А тие во мислите го држат доброто на целото човештво, додека го занемаруваат она што им е пред очите – па излегува дека тие за тоа општо дело немаат можности, а ова поединечно го пропуштаат, ништо не правејќи за главната цел во животот.

Во Санкт-Петербург ми опишаа ваков случај. Еден џентлмен на собир на млади активисти на полето на сеопшто добро – тоа било во време на врвот на прогресивниот занос – одржал силна беседа за љубовта кон човештвото и народот. Сите биле одушевени. И се вратил тој дома. Човекот кој служел кај него не ја отворил вратата доволно брзо – тоа веќе не му се допаднало, потоа доволно брзо не ја додал свеќата, потоа печката нешто не била во ред па во собата било студено... На крај, нашиот филантроп не издржал па го искарал својот слуга. Овој нешто одговорил, а нашиот чичко го удрил. Таму се распламтувал со љубов кон човештвото, а тука со еден човек не постапува како треба. Во тој прв прогресивен занос кај нас убавици брзаа да работат во книговрзни работилници мечтаејќи за тоа да одат напред и да работат за доброто на човештвото, а неретко кај куќите ги оставаа своите мајки без кришка леб. Сета несреќа доаѓа од прешироките погледи на свет. Подобро смирено да ги спуштиме очите, да гледаме пред нозете и да разбираме каде кој чекор треба да се направи. Тоа е најисправниот пат.

По втор пат Ви го објаснувам истото за да запомните подобро и за тоа да Ве чува од помрачувања на кои прогресивните мечтаења ја наведуваат душата.

(Продолжува)    

Подготви: Б.Ѓ.

 

Посети:{moshits}