МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
Владика Николај Велимировиќ
2. Писмо
До човек кој вели дека верува во Бога, но не Му се моли

Труди се и зајакнувај ја верата во себе. Со време ќе ја почувствуваш потребата за молитва. Твојата вера не е силна, затоа уште не те води кон молитва.
Гледав еднаш како мала вода паѓа врз воденично тркало. Тркалото стоеше неподвижно. Но кога наеднаш надојде повеќе вода – тркалото се заврте.
Верата е духовна сила. Малата вера не го движи ниту умот да размислува за Бога, ниту срцето да се моли на Бога. Големата вера го покренува и умот, и срцето, и целата човечка душа. Додека трае големата вера во човекот, таа со својата сила ја движи неговата душа кон Бога.
Ти, велиш, си ја прочитал Христовата реч: „Знае Отецот ваш што ви треба уште пред да го замолите“, и си заклучил дека молитвата воопшто не е потребна. Навистина, Бог однапред знае сè што ни треба, но Сепак Тој сака да Му се молиме. Затоа истиот Спасител заповедал да се молиме непрестајно и нè научил како да се молиме.
Полесно е ова да се објасни на родители отколку на тебе, кој не си во брак. Гледај: и родителите знаат однапред што им треба на нивните деца, но сепак бараат од нив да ги молат. Зашто родителите знаат дека молењето го омекнува и облагородува срцето на детето; дека го прави понизно, кротко, послушно, милостиво и благородно. Гледаш ли колку небесни искри раѓа молитвата од човечкото срце?
Прочитав еднаш за еден патник кој застанал пред една куќа покрај патот. Во куќата работниците нешто разговарале. Одеднаш настанала тишина – сите клекнале на молитва. А еден од нив излегол и почнал да оди пред куќата. Патникот го прашал што се случува внатре.
„Па, се молат на Бога. А мене ме е срам, па излегов.“ – му рекол тој.
Патникот молчел и чекал.
„Кого го чекаш?“ – прашал работникот.
„Чекам да излезе некој за да го прашам за патот.“
„Па прашај ме мене. И јас можам да ти покажам.“
Но патникот ја стресол главата и рекол:
„Како може да го покаже вистинскиот пат оној што се срами од Бога и од своите браќа?“

Јас мислам дека кај тебе нема срам од молитвата, туку едноставно – слаба вера. Негувај го, негувaj го младенецот во себе. Кога ќе порасне во јунак, стократно ќе ти го наплати твојот труд. Јуначката вера ќе го заврти внатрешното тркало на твоето битие, и ти ќе добиеш нов живот.
Мир Божји и благослов.
Подготвил С. Стефковски
пп
Ноември 2025 лето Господово
Друго:
