Patot.na.podviznikot64

Мисионерски Писма
3. Писмо


До една образована жена, на која и се потсмеваат затоа што оди во Црква

  
           На потсмевот одговори со насмевка.


         Нивниот потсмев доаѓа од злобно срце; твојата насмевка нека биде без злоба. На незнаењето му прилега потсмев, а на знаењето – насмевка. Со својот потсмев тие ја зголемуваат вредноста на твојата молитва пред вечниот Судија. Бидејќи на Бога најмила му е молитвата на смела душа, опкружена со стрели на зло, омраза, пакост и потсмев. Сите тие стрели се тапи на врвот, а остри одзади, па отфрлени од тебе им нанесуваат рани токму на оние што ги фрлаат.


Жената на царот Давид, Михаила, еднаш се потсмевала на занесената молитва на своjот маж. Со тој потсмев повеќе бил навреден Бог, отколку цар Давид. Затоа Севишниот ја казни Михаила, и Михаила, ќерката Саулова, немала пород до својата смрт. Кој внимателно ги следи човечките судбини и настани, може да се увери дека и во наши дни Бог строго ги казнува оние што се потсмеваат на светите нешта.


А ти на своите потсмевачи кажи им – тоа е, ако мислиш дека било каков збор е посилно лекарство за нив од молчењето – кажи им: Дали очите ме лажат или добро гледам дека вие секој ден се молите на трговци, и на кметови, и на стражари, за ова или за она? Зошто тогаш ми се потсмевате мене кога јас се молам на нашиот вечен Создател? Не е ли посмешно да се молиш на немоќни, отколку на Семоќниот? Не е ли полудо да му се поклонуваме на правот, отколку на Животодарителот и Господ?


          Кај пророкот на едно место е речено: „Проклет е човекот што се надева на човек". Кој ја полага својата надеж во смртен човек, во еден минлив меур, а не ја полага во Бога Седржителот, очигледно е проклет. И тоа проклетство врз него и врз неговиот дом може секојдневно да се потврди со искуство. Јасно е дека исто така е проклет и човекот кој се моли само на човек, а не се моли на Оној што сè држи и сè може. Но, пази: понекогаш молчењето е покорисно и од овие зборови.


Првиот потсмев ја вознемирува молителната душа. Но ти веќе го помина тоа, и не се откажа од молитвата. А повторениот потсмев веќе станува поттик. И самата, велиш, го искуси тоа. Сега Бог некако ти е поблизок, црквата помила, молитвата послатка. Знај, ќе дојде време кога тоа потсмевање ќе престане, а ќе настапат одобрувања, восхит и пофалби; а тогаш твојата душа ќе биде во поголема опасност отколку сега. Сега се учиш на смерност, а тогаш ќе треба да се браниш од гордост. Но тоа е друго прашање, друго искушение.


Знај, оние што нè мачат со потсмевање – токму тие се нашите непријатели. И на нив мислел Господ кога заповедал: „Љубете ги непријателите ваши". Не знаејќи што прават, тие ни прават добро. Огорчувајќи нè и стеснувајќи нè, тие ја распалуваат во нас факелот на божествениот оган. Лаејќи зад нашиот грб додека одиме кон храмот Божји, тие нè гонат уште поблиску до Бога. Правејќи ни ја земјата здодевна, тие ни го прават небото помило. Мразот и ветрот не мислат добро на дрвото, но и несвесно му носат добро. Така и твоите непријатели – и тие ти прават добро.


Затоа, прости им, благослови ги, моли се на Бога за нив и – што е врв на светоста – љуби ги како свои најголеми добротвори после Бога.


Но ако твојата душа не го поднесе тоа ништожно шушкање на земниот прав и се засрами од Христа, тогаш нема да ти се потсмеваат само луѓето, туку и демоните.

Patot.na.podviznikot62
        Посетувај почесто домови на тага. Посетувај и гробишта. Мисли на Христовиот Крст и целивај го што почесто. Мисли и на крајот на животот. Сето тоа ќе ти помогне да се зацврстиш во молитвениот дух и да стигнеш до целосна победа.


Мир и милост од Бога нека ти бидат.


Свети Николај Охридски и Жички


Подготвил Симеон Стефковски

03.12.2025

 

Друго: