Vecerna.Ksenija.jpg

Умисленост (вообразеност)

Од придавање важност на себеси доаѓа умисленоста, а заради умисленоста одстапува благодатта: зашто му е омразен на Господа секој кој е со гордо срце.
Од вообразеноста произлегуваат две работи: фалбаџиство и осудување на другите. Тоа е злобна тројка (три впегнати коњи), која ита во пропаст. Тие диви коњи треба да се спрегнат и скротат. Така ќе се оствари она: потивко одиш, подалеку стигнуваш.
... Не треба премногу да се занимаваш со себеси. Светите Отци велат: „Не мери се себеси“... Најдобра мерка за себеси е: “Нема ништо“... Господи, дај ми да направам добар почеток!.. Господи, Кој со сите управуваш, спаси ме! Изгонувајте ја секоја мисла за мерење на себеси, и заборавајќи што било – како воопшто да не ни било – и одете напред. Зашто ѓаволот наведува на тоа да се мериме себеси, за да би пробудил умисленост и потполно би ја упропастил работата. Секогаш говорете си себеси: „Ништо нема, нема што да се мери“.
Придавањето на вредност на себеси и губењето на благодатта секогаш се нераздвојни. Господ ги одвраќа Своите очи од оној кој се вообразил... А по отстапувањето на благодатта не следи секогаш пад. Следи само оладување, лоши движења и неотпорност против страстите, не во смисла на пад во страсни дела, туку во смисла на поматеност на срцето: на пример, некој ќе каже непријатен збор... и срцето ќе се распламти со гнев...
Ништо суштински добро не се вкоренува во нас без Него. А ако е така, тогаш треба да Му се предадеме. Сепак, не треба да прекинуваме со сопствените напори, само надежта не треба да ја положуваме на нив, ниту од нив треба било што да се очекува, ако Бог тоа не го благослови.
Како мерка за себе поставете го следново: Штом сте потполно незадоволни од себеси, тогаш се држите добро; а кога ќе се појави макар и мало чувство на самодоволство и почнете да си придавате вредност на себеси, знајте дека не сте на своето место и почнете да се притискате себеси. Ради Господа, не заборавајте ги овие зборови.
Напредокот во духовниот живот се огледува во сè поголемата и поголемата свест за својата неисправност, во полното значење на тие зборови, без никакви ограничувања, така да штом на себе се придава вредност, во било кој поглед, работата отишла како што не треба. И опасно е. Ѓаволот ќе заседне и ќе почне да го свртува погледот, а тогаш тука и камен ќе подметне, па човек може да се сопне. Душата која себеси си припишува вредност е баш како чавката (од басните) која го испуштила сирењето.
Прашувате: „Што да се прави кога внатре ќе се појави подвоеност?“ Како прво знајте дека тоа не е ништо лошо, туку вообичаен пресврт во духовниот живот. Кога нашиот дух ќе се пробуди под дејство на благодатта, тој се насочува кон Бога и сè насочува натаму. А егоистичката природа и после тоа сеуште ги истакнува своите права, привлекувајќи ги кон себе по стариот обичај и чувствата и волјата. Затоа сите го доживуваат она што и апостолот: кога сакам добро да правам, злото ми е присутно. И ете „подвојување“. Што тука да се направи? Секогаш треба да се застане на духот, а барањата на егоистичниот и телесен човек треба да се одбацуваат и гушат. Во тоа се состои духовната борба. Таа е краткотрајна... Штом внатре забележите движење противно на духот... отфрлете го од срцето, поразете го со непријателство и веднаш со молитва обратете Му се на Господа – Тој ќе ви помогне. Искреното отфрлање на лошото и искрената молитва кон Господа секогаш победуваат, совладувајќи ја внатрешната подвоеност...

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.