ioann

Богољубива Елена Акселевна!

Се збунуваш, кога се гледаш многу слаба во духовниот живот и не напредуваш, туку назадуваш. Како сакаш, да се гледаш исправна во сè? Тоа не се случува. Според законот на духовното знаење: колку повеќе човек преуспева во духовниот живот, толку погрешен се гледа себеси. Еден од светите аскети напишал: „Ако ги гледаш гревовите свои како морскиот песок, тоа е почеток на просветлувањето на душата и знак за нејзино здравје.“ Едноставно: душата станува поскрушена и срцето посмирено, и се смета себеси навистина за полошо од сите.

Во молитвата не очајувај ако не гледаш успех. Прочитај го во Лествицата 26-то слово, 60-та глава, и уште 28-то слово од 29-та глава. Пишуваш, дека јас сум се нашол да те учам со ум и разум; но тоа не е така. Како можам да ги учам другите, кога и самиот одам со напипување и се сопнувам, а ако слепец води слепец, и двајцата ќе паднат во јама. После долгата преписка со о. Сергеј, веројатно ти ги пазиш неговите писма и ги помниш неговите совети, а јас, неписмениот, како можам други да раководам во толку големо дело, поскапо од целиот свет? Јас немам свој духовен опит, а ако одговарам на некого, не кажувам од мене, туку позајмувам од светите отци, и самиот се срамам: ги учам другите, а како живеам сам?

Во денешно време, ние сме лишени од тоа богатство – да живееме под раководство на опитен во духовниот живот старец. Раководителот треба да го покажува патот, по кој поминал сам, а ако раководи само по книгите – излегува нешто сосема друго. Оној кој говори и оној кој слуша, мислат дека взаемно се надградуваат, но кога ќе вкусат колку е благ Господ (Пс. 33, 9), само тогаш ги разбираат своите грешки. Свети Петар Дамаскин кажува за себеси, дека претрпел голема штета од неопитни советници; раководителот треба да е бестрастен и да има дар на расудување, а имено да ги знае: времето, почетокот, намерата, устројството на човекот, силата, знаењето, усрдноста, возраста, немоќта, волјата, сокрушеноста, воспитувањето, расположението, поведението, разбирањето, природниот ум, трудот, бодроста, бавноста, Божјата намера, смислата на секоја изрека од Светото Писмо и многу други работи. Ете каков треба да биде раководителот во духовниот живот, и какво расудување треба да има.

За мој срам, јас живеам во манастир веќе 48 години, и самиот се растроив толку, што не знам од каде да почнам, како да си ја спасувам душата. И не си мисли дека така зборувам од смирение, не, не, навистина сум таков. Кога бев млад, имав ревност во изобилство, некое време носев багреница и вериги, се трудев да барам свети подвижници, но некако не успеав да откријам; веројатно не сум ги разбирал, со мојата неопитност. Првата ревност, обрнува внимание на буквата, која го убива духот, и  јас не сретнав таков наставник, кој би ја поддржал ревноста и правилно би ме раководел во духовниот живот. А оној кој живее без раководител, според зборовите на св. Јован Лествичник, е ненадежен, како некој кој се кичи. Така и си останав „пирошка без ништо“. Но, не очајувам, верувам во Божјото милосрдие и се стремам кон Него според силите, си спомнувам за евангелското лозје, во кое дошле наемници во единаесеттиот час и ја добиле истата плата, како и оние кои работеле од утрото. Многу сум задоволен и радосен, што Господ промислил животот да го поминам во манастирските ѕидови.

Напишав, дека буквата убива, но треба да се разбере значењето на зборовите: буквата го убива оној, кој се потпира на неа и гледа на неа како добродетел, а не како средство кон добродетелта. Се разбира, нема плодови без листот, но без плодови смоквата се суши.

Пишуваш дека сакаш вкусна храна, а кој не ја сака? Само оној, кој вкусил од небесната утеха и го зауздува стомакот – тој господар на сè лошо. Прости, го напишав лошо, разбери го некако со досетки. Има многу пропусти и необјасниви нешта, чиј израз може дури да те збуни.

Ако човек не се стреми кон нешто, а го избираат на некаква должност, значи на тоа има Божја волја и Господ ќе помогне, а од непријатностите никаде не можеш да избегаш; каде и да оди човек, тие ќе отидат со него.

Го призивам Божјиот благослов над тебе.

Со љубов во Христа,

Схиигумен Јован.

Извор: Преспанско- пелагониска епархија