1. АВА ИСИДОР ГОСТОПРИМАЧ

Кога дојдов прв пат во Александрија, за време на второто конзулство на големиот цар Теодосиј (кој, поради својата вистинска вера во Христа, сега е со ангелите), во градот сретнав еден прекрасен човек, надарен со големо совршенство во зборот, во карактерот и знаењето. Раскажуваа дека првите години од својата младост, тој ги поминал во пустината, во подвижнички борби. Јас ја видов неговата ќелија на Нитриската Гора. Но, кога го сретнав, тој имаше околу седумдесет години. Откако поживеа уште петнаесет години, тој почина во мир.
Овој свет човек се до својата смрт не носеше ленена облека, освен капа, не се капеше, не јадеше месо и никогаш не се најадуваше до ситост. Меѓутоа, неговото тело, по Божја благодат, беше полничко, така што оние кои не го познаваа начинот на неговиот живот, сметаа дека тој живее во голем раскош. Времето ќе ми биде кусо ако започнам поопширно да раскажувам за добродетелта на неговата душа. Тој беше толку кроток, човекољубив и мирен, така што и неговите безверни непријатели, поради неговата вистинска вера во Христа, ја почитуваа и неговата сенка, поради неговата неизмерна благост. А овој светител имаше голема духовна благодат, познавање на Светото писмо, и разбирање на божествените догмати, така што дури и за време на трпезата, кога обично земаше храна со браќата, неговиот ум паѓаше во екстаза и тој тонеше во длабок молк. Замолен да ни раскаже што му се случува за време на екстазата (  ), тој одговараше: Патував со мислата, опфатен од некое осознавање". Јас самиот често пати го гледав како плаче на трпезата. И кога ќе го запрашав, зошто плаче, тој ми одговараше: "Се срамам што јас, разумното битие, се хранам себеси со бесловесна храна, а би требало да бидам во рајот на сладоста, и да се хранам со бесмртната храна, според дадената ни власт од Христа".
Тој и во Рим им беше познат на целиот сенат и на сопругите на големците, откако почна таму да оди, најпрвин со блажениот Атанасиј, а потоа и со светиот Димитриј Епископ. Иако изобилуваше со богатство и имот, тој не напиша завет пред смртта, и на своите сестри, кои беа девојки, не им остави ниту пари ниту имот, туку ги довери на Христа со следните зборови: "Бог, Кој ве создаде, ќе ве снабди со она што е потребно за живеење, онака како што и мене ме снабди". Заедно со неговите сестри, во една обител, живееја седумдесет девојки.
Кога јас, како млад човек, го посетив овој свет човек, го замолив да ме вежба во осаменичкиот живот, и бидејќи бев во полна сила и ми беа потребни не зборови, туку телесни трудови и изнемоштување на телото, тој како искусен скротувач на ждребиња, ме одведе надвор од градот во таканаречените Пустински Места, оддалечени пет милји, и ме предаде на Доротеј.

 

Издавач:

ЃаконијА

Скопје, 2002

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

Преведе: ѓакон Игор Никовски

vozdvizenie.jpg