3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Свештеник Јани Мулев

Пред извесно време на социјалните мрежи беше објавена фотографија од еден наш манастир, поточно од трпезаријата наместена за дочек на гости поради голема прослава. Се разбира, трпезата беше без месо, но сѐ беше убаво сервирано и декорирано, беспрекорно чисто и уредено. А под сликата безброј негативни коментари од типот, каков е овој луксуз, што ќе им е таква трпезарија, зошто така сервирано, па тоа ли е црква, зошто не ги дадат парите на сиромашни… итн. Трпезаријата во тој манастир е слична на светогорските манастирски трпезарии, со високи критериуми за естетика и функционалност. Токму тој висок критериум недостасува кај нашиот религиозен народ, кој се поистоветува себеси со Православната Црква, без да живее според таа вера, и без да има чиста вера кон Бог. Да не се збуни некој, религиозен и православен не се истозначни термини. Токму религиозните луѓе, кои имаат некаква површна вера, кои се само на почетокот од црковниот живот, се занимаваат со скандали. Тие и во црква/манастир одат само за да најдат некаква грешка, некакво претерување, за да можат да шират лаги и клевети, и со тоа да си ја оправдаат својата површност и безбожност. „Да беа поповите светители, ќе бев и јас! Ама ете, тие се многу грешни, па затоа и јас не верувам ни во попови, ни во црква“ – тоа е главното „верују“ на лажните верници, на површно-религиозните луѓе.

Да се вратиме пак на фотографијата од трпезаријата. Доколку на сликата имаше валкана трпезарија, полуразрушена, ако скокаа глувци на масата, и ако течеше вода од покривот во чиниите, дали тогаш тоа ќе беше нешто скромно? Правиме ли разлика меѓу скромност и мизерија? Истиот тој невкус и мизерија се гледа и на крштевките, и на венчавките и при погребите и при дарување на икони за одреден храм. Би се задржал само на последниот дел. Истите тие површно-религиозни луѓе нарачуваат икони без благослов од свештеникот на храмот, затоа што го потценуваат свештеникот и се ставаат себеси над него, или пак се плашат дека тој ќе ги излаже, па нарачуваат икони од некој си приучен сликар за пет банки, или за килограм компири, и кога ќе ги донесат во црква, најчесто помпезно, очекуваат сите да се онесвестат од нивната дарувана карикатура, која тие ја сметаат за икона. Често пати истите стануваат и жртви на манипулатори кои буквално им ја дерат кожата за религиозни слики, кои немаат никаква сличност со православна икона, ниту пак некаква вредност. Доволно е сликата да биде голема, бидејќи тоа говори за имотната состојба на дарителите, и да има неколку шарки и боички, и тоа им е доволно. Мизерна религиозност – мизерен вкус. Малите цркви во перифериите на градовите и селата се претворени буквално во буништа од такви неквалитетни религиозни слики од промашени уметници. Исто така во една и иста црква сите сакаат да подарат икона, на пример од света Петка, и во храмот и покрај тоа што има веќе 20 икони од света Петка, пак секој сака да подари уште една икона, мислејќи дека прави големи дела. Тоа е исто како на прејадено дете да му дадеш да изеде уште една чинија, и да мислиш дека си направил милостина. И ако се обиде свештеникот да им укаже, дека иконата која ја донеле дарителите не вреди, дека не личи на православна икона, дека срамно е и за нив и за храмот да се става таква икона – веднаш ќе им проработи егото и суетата, ќе се надујат и веднаш поплаки кај другите свештеници, па и кај владиката, оти, ете, тој и тој свештеник бил многу дрзок, нељубезен, лош, наместо да шири љубов. Нели, свештеникот е добар кога го легализира секој грев, секој простотилак, секоја мизерија, а ако се спротивстави, тогаш тој е „непријател на ќесарот“.

Од друга страна, пак, кога човек ќе се воцркови, ќе почне да навлегува искрено во верата, да гради однос со Бог, да контактира со свештениците, со монасите и ќе почне да влегува во подлабоките води на верата, тогаш ќе види сосема нов свет, кој не се гледа на почетокот од брегот, каде што се само алгите и отпадоците. Колку повеќе човек напредува во верата, колку почесто и повеќе учи од свештениците и монасите, толку повеќе му се изострува и вкусот за сѐ во животот, му се изградуваат критериуми за тоа, што значи да се биде здрав, нормален, природен, се раѓа вкус за возвишена естетика, и тогаш веќе нема залажување. Тогаш човек препознава што е естетика, а што грозотија и кич, што е скромност, а што мизерија, што е икона, а што евтина религиозна слика. Благодатта Божја го исчистува и просветлува човекот, му го бистри погледот и умот, и знае што прави, знае што да сака, знае кај да оди, затоа што благодатта Божја го води и му го осветлува патот. Човекот кој расте во верата не се соблазнува од ситници, не го допираат грешките и гревовите на свештениците и на другите луѓе, не ги гледа нечистите работи, туку како пчела ги бара само убавите работи и од нив се поучува и храни.

Да ја оставиме површната религиозност, бидејќи таа е мајка на суетата, мизеријата, простотилакот, некултурата, неукоста, невкусот и нечовечноста, и да се вратиме на вистинското автентично православие, православието кое го живееја нашите претци, и кои ни оставија здрав христијански етос, од кој се изродија прекрасни цркви и манастири, врвни фрески, икони, мозаици, резби – дела со кои се гордееме, и кои произлегуваат од високите естетски и духовни критериуми на здравото и вистинско православие. Религиозноста е болест, а православието е лек.

 Јули 2021 лето Господово

 

Извор.

https://crkvaveles.wordpress.com/2021/07/16/%d0%bc%d0%b8%d0%b7%d0%b5%d1%80%d0%b8%d1%98%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b5-%d0%b5-%d1%81%d0%ba%d1%80%d0%be%d0%bc%d0%bd%d0%be%d1%81%d1%82/?fbclid=IwAR0WtEuiEqYDjBpBGB_AZGi96ZhrvfY8eq6Ftmq4fxH120AZvxT2J2lMAKk