Кршливи херои

Patot.na.podviznikot80


                Скоро гледав еден филм, заснован на вистинска приказна. Таму слушнав зборови на еден татко кои продираат како исповед:
„Го убив секој херој што тоа момче го имаше, надевајќи се дека тој херој ќе бидам јас… А никогаш не му дадов причина зошто тоа би бил јас.“
Оваа реченица ме натера да се запрашам:
каков образ, каква икона сме ние како татковци пред децата што Бог ни ги доверил?
Токму тоа прашање ги отвора сите други — и одговара на многу што се случува со денешните поколенија.
Зашто голем дел од нашите деца растат под сенката на нашите сопствени искривувања: слаб пример, слаб дух, слаб идентитет а многу често и лош role model.
             Гревот и слабоста секогаш носат последици; некој ги пренесува свесно, некој несвесно, но раната останува.
Покајанието е клучниот миг во кој почнува преумувањето. Тоа не значи дека ќе успееме да исправиме сè што сме „зафркнале“ со сопствените деца, но е многу важно барем да започнеме да го преобразуваме нашиот и нивниот светоглед.
Можеби нема да успееме да ги исправиме сите погрешни патишта по кои нашите деца веќе зачекориле поради нас. Но суштински е да почнеме да го преобразуваме својот сопствен ум, својот светоглед — и со тоа, барем малку, да го осветлиме и нивниот.
Зашто живееме во времиња перфидни и мрачни, каде насилието, грубоста и бандитското однесување се претставуваат како сила и мудрост. Во таква духовна клима растат и децата: без вистински примери, со искривени мерила, со разлеан морал.
Тешко е да се биде родител денес. Но едно знам — и за тоа сум уверен:
детето секогаш ја препознава добрината, и ја чувствува искреноста на срцето.
И ако ништо друго не им оставиме, ако сите наши други обиди се покажат немоќни, нека бидат барем тие две светлини положени во нивните души.
Зашто низ вековите, сè друго се покажува минливо и без вистинска тежина — барем според моето скромно гледиште.

 

fb Simeon Stefkovski

 

2025