TVITer40b

Понекогаш се плашиме да зборуваме за депресијата, за анксиозноста, за онаа тешка празнина во срцето, како тоа да е знак на слабост или недостиг на вера. Но не е така. И душата се изморува, се ранува и се вознемирува, исто како што и телото се разболува. Не треба да се срамиме од таквата состојба, ниту да се криеме зад привидна насмевка на сила. Вистината е почеток на исцелувањето. Кога ќе кажеме: „Не можам повеќе“, ние не губиме, туку отвораме врата.


Бог не бара од нас секогаш да бидеме силни, туку да бидеме живи и искрени. Можеме да Му кажеме точно како се чувствуваме – тажни, немирни, без сила. И кога е потребно, да побараме помош и од луѓе, и од оние што знаат како да помогнат. Не сме сами во оваа борба. Божјата благодат делува и преку збор, и преку слушање, и преку човечка близина.
Да не се осудуваме за она низ што минуваме, туку да останеме блиску до своето срце и блиску до Бога. Токму од таа близина, тивко и постепено, почнува да се враќа светлината.


Болестите на душата и на умот не доаѓаат секогаш одеднаш. Понекогаш растат тивко и незабележливо – од замор, од неискажани грижи, од рани што предолго сме ги чувале во молк.


Се покажуваат како немир, страв, раздразливост или како празнина што останува дури и кога однадвор изгледа дека сè е во ред. Кога умот е изморен, човекот почнува потешко да се справува со секојдневието, а душата ја губи силата да се радува и трпеливо да носи сè што животот носи.
Кога внатрешната болка долго се потиснува, човекот почнува да се бори со сопствените мисли и повеќе не наоѓа мир ни во наједноставните нешта. Затоа е важно страдањето да не се крие и да не се осудува. Вистината кажана со искреност често е првиот чекор кон исцелувањето.
Бог не се оддалечува од човекот кога е немоќен. Напротив, тогаш е особено близу. Помошта може да дојде преку молитва, преку тишина, преку добри луѓе, но и преку храброста да побараме поддршка кога товарот станува претежок.


Не мора секогаш да бидеме силни. Понекогаш е доволно само да не се затвориме целосно и да дозволиме светлината полека повторно да влезе во срцето.


Мајка Силуана Влад


Подготвил С.Стефковски

2026