ИНФРАЦРВЕНА УМЕТНОСТ (INFRAREDART) – УМЕТНОСТ НА ИДНИНАТА
25.11.2025 (вторник), отворање, Мала станица, 20 ч.
Групна изложба на осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ.
Куратор: Санда Станаќев Бајзек
26.11.2925 (среда) – презентација
InfraredArt - перцепција на бои надвор од видливиот спектар: презентација на инфрацрвено сликарство со проекција на филм за InfraredArt.
Презентер: Ивана Ожетски
Ве известуваме дека во рамките на Годишната програма на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена групната изложба под наслов „Инфра ред – уметност на иднината“. Изложбата, која е финансирана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, се реализира на иницијатива и во соработка со Хрватското здружение на ликовни уметници и критичари. Куратор на изложбата е Санда Станаќев Бајзек, претседател на здружението, и истата претставува осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ.
Според кураторката Санда Станаќев Бајзек „Уметничкиот израз кој во себе носи особини на ново, и на формално и на изразно ниво, кој ја менува перцепцијата и ги разоткрива сликарските тајни претставувајќи своевиден визуелен феномен, се крие под името – InfraredArt (инфрацрвена уметност) и INFRAREDESIGN (инфрацрвен дизајн). Го претставуваме преку примери на уметници кои сликаат таканаречени „инфрацрвени слики“ или продуцираат со графички печат, како ново и различно создавање визуелно дело. Тоа создавање е втемелено на перцепцијата на бојата, односно на нејзините физички карактеристики, поточно на карактеристиките на светлината, а го има искористено и хрватскиот научен тим што ја создаде денес веќе добро познатата метода за продуцирање двојна слика – „infraredesign“ (инфрацрвен дизајн) и „InfraredArt“ (инфрацрвена уметност). Тоа се посебно креирани компјутерски графики и уметнички слики со двојна и различна содржина за визуелното и за инфрацрвеното подрачје. Едната е видлива со голо око на дневна светлина, а другата на инфрацрвена бранова должина само со помош на инфрацрвена ЗРГБ камера. Како нов начин за дизајнирање со помош на графиката, односно уметничкото сликање, иницираше и истражување на тоновите на стандардните бои и пигменти што се разликуваат по својството на апсорпција на инфрацрвената светлина, бидејќи секоја од сликарските бои може да се направи на безброј начини, а да го задржи истото својство на апсорпција на светлината во видниот спектар на човечкото око, а да има потполно различни својства во блиското инфрацрвено подрачје... Оттаму, “InfraredArt“ не е само презентација на технологија. Тоа е нов ликовен израз, сосема оригинален и единствен пристап на претставување, односно создавање слика.“
Изложбата ќе се отвори на 25 ноември 2025 година (вторник), во 20 часот во објектот Мала станица. Во рамките на изложбата, на 26 ноември 2025 година (среда), во 19 часот (објект Мала станица), Ивана Ожетски ќе одржи презентација под наслов „InfraredArt - перцепција на бои надвор од видливиот спектар: презентација на инфрацрвено сликарство со проекција на филм за “InfraredArt“.
ИНФРАЦРВЕНА УМЕТНОСТ (INFRAREDART) – УМЕТНОСТ НА ИДНИНАТА
Нели e неодоливо да се знае дека постои технолошко-научна метода со која, кога ќе се спроведе во уметноста, може да освоиме нови подрачја, да продреме во нови димензии, да створиме нова уметност. Но, што очекуваме денес од уметноста? Какво значење има таа за нашиот живот? Каква треба да биде уметноста денес за доволно да нѐ заинтригира и да нѐ задоволи?
Вистинската вредност на уметноста се одржува со развивање и менување. По едни, неминовно доаѓаат други, нови изрази, во кои се преобразуваат старите и се раѓаат нови форми. Да се заговара постојаност на изразот, да се смета дека ќе нѐ задоволи само исполнувањето на формата со нови содржини, претставува идеализам далеку од вистината. Содржината и формата меѓусебно се условуваат и нивната вкупност секогаш е рефлексија на времето и на средината во која настануваат. Уметникот се затечува во одредено време, во одредени услови. Се затечува во време на методолошки и технолошки достигнувања на кои може да им се придружи и уметнички да ги оплоди.
Таткото на инфрацрвената иновација и коавтор на 5 патенти во областа на инфрацрвените бои е д-р Вилко Жиљак. Тој ја воведува новата променлива „З“ за мерење на апсорпцијата на светлината на 1000 nm, а својот изум го применува во компјутерската графика. Како пионер на оваа научна гранка која има елементи на уметност, тој е автор на едно ново дело, кое со дуалноста на визуелната информација што ја носи, применувајќи ги портретите на своите соработници во инфрацрвен слој на графиката, концептот „слика во слика“ го покажува на сосема нов начин. Оваа нова метода за продуцирање двојна слика на иста подлога првично е наречена “NFRAREDESIGN®“. Авторка на овој назив е д-р Ивана Жиљак Станимировиќ, која е член на научниот тим кој заедно со Вилко Жиљак ја развива и ја применува оваа метода. Нејзиното прво претставување се случи во 2008 година во Загреб, а и во Женева и во Москва, каде што истовремено за прв пат е демонстрирана скриената слика “INFRAREDESIGN“. Во уметничкото творештво на Ивана, својата најубава примена ја доживеа во циклусот фотографии со кои, снимајќи ги сама, ја брише границата помеѓу дизајнот и уметноста. Компјутерски генерирани и „разубавени“ со поп-артистички колорити, тие ја прикриваат реалноста на нарушените односи, на природните катастрофи и на загрозеното културно наследство во, за окото невидливиот, инфрацрвен спектар. Уште една личност што не може да се изостави кога говориме за “INFRAREDESIGN“ како нов визуелен израз е д-р Јана Жиљак Гршиќ, авторка на бројни дизајнерски решенија во областа на графичкиот дизајн и на сигурносната графика. Во својот графички дизајн, како интердисциплинарна гранка, заедно со илустрацијата, фотографијата и, секако, печатот, таа ги внесува типографијата и познавањата на инфрацрвената технологија. Токму такви се и нејзините најнови графики, кои се резултат на споредбената изведба на фотопортрети и на латиничните букви како основен градбен елемент на „сликата“. Со таквата градба, Јана го смени самото значење и улогата на буквата, но и значењето на самата слика која сега ја гледаме и ја читаме.
Инфрацрвената метода во уметничкото сликарство прва ја примени сликарката и графичарка Нада Жиљак во 2009 година и на тој начин создаде нов вид сликарство што се базира на избор на исти, компатибилни тонови на една обична акрилна боја што се манифестираат различно во опсегот до 1000 nm на инфрацрвен спектар. Преминот на Нада кон инфрацрвената слика дефинитивно ја потврдува и нејзината клучна позиција во современиот сликарски момент, не само во Хрватска туку и во светот. Со маестрално совладување на големите формати, Нада ја задржува автономијата на сликарскиот начин и на пренесувањето на асоцијативното поетско расположение од видливиот и за голо око невидливиот слој на сликата, во кои лесниот, скициран цртеж го разоткрива интимниот свет на Нада, исполнет со уметници и со нивните музи, со сцени на маскенбал и со убавината на природата. По Нада Жиљак, во својот уметнички израз, инфрацрвената метода ја применува и сликарката д-р Дијана Назор Чорда, која ја продлабочува научната практика во областа на сликарството преку изразување на односите на примарните и секундарните бои. Развивајќи три нови апстрактни стилови со исклучителна ликовна вредност, Дијана докажува дека “InfreredArt“ како нова метода, несомнено, отвора креативни потенцијали во сликарството што не можат да се добијат со вообичаените сликарски техники. Настануваат „дволични“ дела со скриени, двосмислени пораки и знаци. Нова уметност за новото време. Уметност која сѐ доведува во прашање.
Таа потреба за инвентивност, за нов „подлабок“ или различен поглед на (во) уметноста, резултира со основање на групата ИНФРА. Таа е составена од единаесет уметници, меѓу кои, поради нивната продуктивност или пак поради изразната специфичност, вреди да се издвојат тројца. Ивица Фишер, еден од најзначајните живи наивни сликари, кој со техниката масло на стакло, заштитено нематеријално културно добро на Хрватска, ја наслика првата и до денес единствена инфрацрвена слика на светот. Богата инфрацрвена продукција има создадено и Марија Галиќ, која ни докажува како тушот како средство за цртање може да го гледаме и како боја. Тоа го прави со серија инфрацрвени цртежи со црн туш, со кои ги надополнува своите циклуси на инфрацрвени акрили, неретко со експресивен црвен колорит, кој вешто ги крие еротските глетки во за голото око невидливиот инфрацрвен слој на сликата. Во оваа избрана тројка спаѓа и Ивана Ожетски, која во инфрацрвеното сликарство како нова ликовна форма го откри потенцијалот за надградба на сопствениот израз што го карактеризира мотивот на сенката. Ставена во центарот на ликовното случување на Ивана, сенката во новите слики е оплеменета со нови вештини и спознавања за својствата на боите и за нивната способност за апсорпција на светлина што сега ја демистифицираат и „демаскираат“.
Оттаму, “InfraredArt“ не е само презентација на технологија. Тоа е нов ликовен израз, сосема оригинален и единствен пристап на претставување, односно создавање слика. Тоа е нова уметност. Уметност на иднината.
Санда Станаќев Бајзек