5.jpg

6.jpg

Во пресрет на својата голема манастирска слава во чест на великиот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, Бигорската свештена обител забрзано се подготвува за торжествена прослава на најголемиот меѓу родените од жена. Се извршуваат предвидените градежни активности, макотрпно но со голема ревност се работи на возобновата на Горни Палат, еве деновиве се става последната плоча. Сиот тој труд монашките раце Му го принесуваат како дар на Бога, дар за сите и за сѐ. И навистина, колку е голема и неискажлива радоста, кога луѓето, земајќи од она што Бог им го дал како на Свои чеда, со неизмерна благодарност Му го принесуваат и тие Нему свој подарок. Така, давајќи Му можност на Бога да твори преку нашите раце, сите ние стануваме сотрудници Божји.  Затоа сега манастирот, со сите свои браќа, гости, верници, кои вредно, со голема љубов и ведро расположение работат насекаде, исполнувајќи си ги своите послушанија, е навистина една прекрасна глетка и буди ревност кај секој посетител и самиот да стане дел од таа работна атмосфера, делотворно ползувајќи ја Божјата благодат. Се чисти соборниот храмот и се украсува, се чистат дворот и конаците; магерницата ја подготвува трпезата на љубовта, а овоштарникот ги принесува своите плодови. Гостите пристигнуваат, монасите се радуваат заедно со нив. Старецот со својата љубов бдее над сеопфатната работа во манастирот. Сите се молат за нашите тројца браќа, коишто утре ќе се удостојат со монашки потстриг. Нека св. Јован им биде нивен застапник пред Севишниот и постојан патеводител во нивниот монашки пат! Слава Ти преблаг Боже за радоста и ентузијазмот, кои им се верни сотрудници на сите присутни во нашето светилиште во овие претпразнични денови. По молитвите на премилостивата Мајка Божја и божествениот Јован Крстител нека таа духовна радост продолжи и понатаму. Амин!

 8.jpg