Светски фотографии во „Мала станица“

Светската изложба на фотографии 2012 во која се опфатени преку 160 наградени новински фотографии вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“. Оваа патувачка изложба, единствена од овој вид, е резултат на меѓународен конкурс за новинска фотографија, кој се објавува секоја година. На конкурсот учествуваат фотографи, новински агенции, печатени медиуми и списанија од целиот свет, а меѓународно жири составено од 19 члена ги оценува нивните фотографии, во девет категории. На конкурсот за 2012 година биле пријавени 101.254 фотографии од 5.247 фотографи од 124 земји.

Изложбата во Скопје ја организира Македонскиот центар за фотографија во соработка со Националната галерија на Македонија и со финансиска поддршка од Амбасадата на Kралството Холандија. Истата ќе биде отворена до крајот на месецов.