Во клубот „Менада“ во Стара чаршија, денеска во 18,30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Од Токио до Морава - средба на еден Јапонец со Балканот“ на Беким Сејрановиќ, автор на сценариото, и Моку Тераока, режисер. Сејрановиќ и Тераока ќе бидат присутни на македонската промоција на нивното дело создадено во 2009 година.

Во 21 часот, пак, истата вечер, Роберт Алаѓозовски ќе го претстави македонскиот превод на романот „Поубав крај“ од Беким Сејрановиќ. Романот е во издание на „Блесок“, преводот е на Игор Исаковски, а е поддржан од преведувачката мрежа „Традуки“, која обезбеди и стипендија за едномесечен престој на Сејрановиќ во Скопје, во соработка со издавачката куќа „Готен“. Беким Сејрановиќ е роден во 1972 година во Брчко, Босна и Херцеговина. Пишува на хрватски и има норвешко државјанство, се смета за босански, хрватски и норвешки писател и преведувач од норвешки.

Моку Тераока е роден во 1971 година во Хирошима. Дипломирал скулптура од Академијата за уметности во родниот град, во 1993 година, а со сликарство и филм почнал да се занимава во 2001 година. Пет години работел како ТВ-режисер во една токиска телевизија. Потоа се посветува на патувањето и, главно, прави документарци за своите патувања. Изложувал во Сохо, Нујорк, и добивал награди за своите скулптури. (Т.И.)