Викендов во Тетово ќе се одржи традиционалната меѓународна хорска манифестација

ТЕТОВО - Меѓународната хорска манифестација „Техо“ во деновите на викендот по 19. пат ќе се одржи во Тетово. Во градот под Шара ќе се соберат над 800 хористи од 12 хорови од нашата земја и три од странство – „Гусле“ од Софија, академскиот хор СЦК од Ниш и „Розафа експресион“ од Скадар. Фестивалот ќе го следи и генералниот секретар на Европската хорска асоцијација, Коенрад те Меулдер, бидејќи „Техо“ од годинава е член на оваа асоцијација примен под уставното име на нашата земја и е прва манифестација од Македонија членка на оваа меѓународна асоцијација. На вчерашната средба со новинарите претседателот на Управниот одбор на „Техо“, маестро Ивица Зориќ, информира дека годинашната хорска приредба во Тетово е посветена на стогодишнината од раѓањето на сограѓанинот и еден од најзаслужните македонски композитори, академик Тодор Скаловски, и композиторот Трајко Прокопиев, чии дела се вградени во темелите на македонското хорско творештво и музицирање. Сите 12 хорови од Македонија што ќе настапат на манифестацијата обврзани се во своите репертоари да имаат најмалку по една композиција од двајцата автори. Фестивалот ќе се одржи во центарот за култура „Иљо Антевски Смок“, а за хоровите кои негуваат духовна музика ќе има и настап во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово. Првпат годинава духовни песни ќе се исполнат и во манастирската црква „Св. Атанасиј“ во селото Лешок што во иднина се предвидува да постане традиционално. Во Тетово ќе настапат хоровите „Франце Прешерн“, „Кочо Рацин“, женскиот младински хор МКЦ, академскиот хор „Мирче Ацев“ и Вардар сите од Скопје, потоа „Лале“, „Иљо Антевски СМок“ и „Менада“ од градот домаќин Тетово, „Стив Наумов“ и „Гутелион класик“ од Битола. „Свето благовештение“ од Прилеп и „Гортинија“ од Гевгелија. свеченото отворање е предвидено за сабота а фестивалот завршува со исполнување на „Вивала музика“ како заедничко пеење на сите хорови - учесници во неделата вечерта. „Техо“ има ревијален карактер и според познавачите на оваа уметност влијае на неговата постојаност, квалитет и меѓународен престиж. Фестивалот се одржува како биенале секоја втора година а е востановен во 1973 година како „Тетовски хорски одѕиви“. На изминатите 18 фестивалски приредби многу хорови од нашата земја покажале високи квалитети изведувајќи композиции од различни епохи и стилови. Истовремено оваа манифестација влијаела на поттикнување многу композитори во Македонија да создаваат дела кои ја доживуваа својата праизведба токму на Тетово. (Г.Е.)