Варшава, 8 јули (МИА) - Република Македонија и Република Полска ќе ја интензивираат соработката во областа на културата. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и нејзиниот полски колега Богдан Здројевски денеска во Варшава потпишаа Програма за културна соработка меѓу двете министерства за 2009-2011 година.

- Со потпишувањето на Програмата само се потврдува заложбата на двете министерства за зајакнување и интензивирање на соработката на културен план меѓу двете земји. Затоа потпишувањето е значајно, а уште позначајна е реализацијата на Програмата со која се надевам дека во наредните две години ќе ја подигне нашата културна соработка и размена на едно ново и уште повисоко ниво, изјави за МИА министерката Канческа-Милевска.

Програмата, посочи таа, ќе овозможи непосредна соработка како на институциите од областа на културата, така и меѓу самите уметници  во сите области на современото творештво, а и во заштитата на културното наследство.

- Истовремено ќе се воспостави интензивна размена и соработка во областа на книжевното творештво, визуелните уметности, музиката, театарот, како и учеството на уметници на најзначајните меѓународни манифестации во двете земји. Се создаваат можности за размена на креативна енергија помеѓу уметниците кои како катализатор на креативноста ќе ја доближат културата до народите на двете земји и ќе придонесат за продлабочување и развивање на вкупните меѓудржавни односи, истакна Канческа-Милевска.

Република Македонија и Република Полска имаат традиционално добри односи кои со потпишувањето на Програмата ќе бидат унапредени и во областа на културата.

- Република Полска е голем пријател и поддржувач на нашата држава и во таа смисла потпишувањето на оваа Програма е  одлична шанса за продлабочување на нашето искрено пријателство, додаде Канческа-Милевска во изјавата за МИА. рп/паг/12:56