Скопје, 29 јули(МИА) - Во рамки на „Охридско лето“ идната среда во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде отворена  изложбата „Сликам со брановите“ на Сергеј Андреевски, организирана од  Францускиот културен центар „Жан Моне“ од Скопје и финансирана од Охридска банка.

Изложбата ќе опфати педесетина дела - литографии и слики на платно. Идејата за името на изложбата произлезе од перформансот на Андреевски специјално изведен за американската национална телевизија Ен-Би-Си во ноември минатата година.

- Јас сликав со брановите, чекајќи ги да удрат на платното, заедно со мојот потег. Токму тој сојуз на бранот и мојот потег ќе бидат дел од сликите изложени во Охрид, рече Андреевски на денешната прес-конференција во Скопје.

Тој појасни дека сликите се работени на два начина. - Едниот  е експресивен, жесток и див, а сликите се работени во Америка, во Северна Каролина. Вториот начин е стара техника со која сликите се прават со сликање на камен од кој подоцна се прави отпечаток, додаде Андреевски.

Светлана Ристевска, претставник на Охридска банка, рече дека последното гостување на Андреевски во Париз во март годинава, на покана од Фондацијата „Мишел Раби“, ја поттикнало идејата за претставување на делата создадени во овој период и оти тоа е  своевидна македонско-француска соработка.

- Оваа изложба претставува спој на делата создадени при неговите последни креативни крстосувања низ Америка и интимата на париското студио „Мишел Раби“. Публиката ќе може да забележи колку се влијателни средината и нејзината енергија врз создавањето на уметникот, додаде Ристевска. ир/хс/14:20