Камбаните на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга денеска, во 11 часот, ќе го означат почетокот на 11-то издание на манифестација „Македонски духовни конаци“.

Наградата „Велја кутија“ ќе му биде врачена на писателот Веле Смилевски за книгата „Совршена тишина“. Ќе бидат врачени и двете награди „Духовен воин“ - на академик Иван Катарџиев, како бескомпромисен воин за македонската кауза и на Едмонд Темелко, прв македонски градоначалник во Пустец, Албанија. Тој ја доби наградата за континуираната заложба за презентација и афирмација на македонското творештво и македонскиот идентитет.

Во рамките на програмата, ќе биде промовиран гласникот „Портал“, посветен на туѓизмите во македонскиот јазик. Традиционално ќе биде поставена изложба од скулпторот Драган Докоски, кој со зографот Петко Филкоски ја изработи наградата „Велја кутија“. Наградата досега ја добиле академиците Катица Ќулафкова, Матеја Матевски, Анте Поповски, Луан Старова, Коле Чашуле, Цветан Грозданов, Георги Старделов, Благоја Иванов и писателот Раде Силјан.