Почитувани,

Ве известуваме дека на 25 февруари 2010 година (четврток), во 20 часот, во просториите на Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов Културни случувања (Цултуре Маттерс). Организацијата на оваа изложба, реализирана од Националната галерија на Македонија, е иницирана од страна на Австриската Влада и Министерството за надворешни работи на Р.Австрија, со несебична помош на Амбасадата на Република Австрија во Република Македонија, амбасадорот, г-дин Алојз Краут и конзулот и раководител на секторот за односи со јавност, г-ѓа Сузане Шмит.
Фотографиите претставени на оваа изложба ги претставуваат најубавите места на регионот на Западен Балкан, поточно едни од најважните места од светското културно наследство во седум земји од наведениот регион. Несекојдневната перспектива на местата полни со убавина и историја, како што се старата Охридска чаршија, Националниот парк Бутринт, мостот на Дрина во Вишеград, Диоклецијановата палата во Сплит, Которскиот залив, манастирите Студеница и Дечани, се констатација и почит за важноста на овие места и за целиот регион, како и за амбасадорската улога на културата воопшто.
На отворањето ќе говорат д-р Алојз Краут, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, и г-ѓа Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија. На отворањето ќе настапи и музичката група Љубојно. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 11 март 2010 година.

        Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА