Неодамна во издание на Тивериополската филмска алијанса излезе од печат монографската брошура “Астерфест – 5 години потоа” со репрезентативно компилирани текстови за досегашниот растеж на овој струмички интернационален филмски фестивал, со воведен осврт од Сунчица Уневска.

Шестото издание на фестивалот Астерфест како промотор и расадник на авторите на краткиот и документарен филм ќе се одржи вообичаено од 27 до 31 мај во Струмица. Покрај официјалната и разновидна филмска програма, планирано е да се одржи и симпозиумот “Кинематографските проблесоци во Струмичко”.

Мотото на овогодинешниот Астерфест е “евро-атлантски филмски патоказ”.  Освен “Потковиците” за компетитивната категорија Астердокс, ќе се доделат и Наградата за најдобар светски краток игран филм, како и други специјални признанија. Во април ќе биде познато и името на синеастот кој ја добива веќе престижната плакета Астер за достигнувања во полето на авторскиот филм, награда со која претходните години се закитија режисерите Бранко Гапо, Карољ Вичек, Лордан Зафрановиќ и Рангел В’лчанов.

Се очекуваат интересни филмски гости од регионот и пошироко, меѓу кои и претставници на кинематографии кои за првпат ќе се претстават на Астерфест. Исто така, ќе бидат прикажани и неколку нови остварувања од македонски автори.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ и Собранието на Струмица.