Скопје, 10 мај 2010 (МИА) - Македонскиот пијанист Симон Трпчески и Лондонскиот филхармониски оркестар, предводен од диригентот Владимир Јуровски на 10 декември во „Метрополис арена“ ќе одржат концерт.

Концертот е во организација на Здружението за култура и уметност „КултурОп“ и Министерството за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција истакна дека годинава, кога се чествува златниот јубилеј на реномираната музичко-сценска манифестација со интернационален карактер „Охридско летo“, Македонија ќе биде домаќин на врвни имиња од областа на музиката и уметноста, како концертот на музичката икона Боб Дилан и концертот на Лондонскиот филхармониски оркестар, предводен од маестро Владимир Јуровски.

- Минатогодишното концертно доживување кое маестро Трпчески ни го подари со престижниот оркестар на Бољшој театар од Москва ни покажа дека македонската публика иам специфичен вкус и желба за квалитетни уметнички предизвици. Во оваа насока, Владата и Министерството за култура дадоа голема поддршка за присуство на престижниот Лондонски оркестар, кој заедно со Симон Трпчески ќе изгради беспрекорна звучна архитектонија, која ќе резултира со едно несекојдневно музичко доживување, рече Канческа-Милевска.

Пијанистот Симон Трпчески соопшти дека Лондонскиот филхармониски оркестар е еден од трите најдобри во Лондон и располага со многу квалитети и можности. Со оркестарот, како што рече, веќе има свирено во Лондон и во околината на овој град, а за Владимир Јуровски додаде оти е фантастична комбинација на руско-германска школа, музичар со високи квалитети. Според него, Јуровски може да ја извади магијата од музиката и да ја пренесе на најубав можен начин на публиката.

- Многу ми е мило што овој настан ќе се случи токму во годината кога нашата држава го слави големиот 50-годишен јубилеј на најреномираниот фестивал кај нас, „Охридско лето“, рече Трпчески и додаде дека токму со Лондонскиот филхармониски оркестар ќе ја прослави и 15-годишнината од својот прв настап со симфониски оркестар, кој се одржал во Скопје, со Македонската филхармонија.

Трпчески предвидено е да гостува во Манчестер, Глазгов, Милвоки и во Сиетл. мд/скс/13:05