Скопје, 11 јуни 2010 (МИА) - Издавачката куќа „Ѓурѓа“ ја објави „Етика“ од Спиноза, која содржи поуки за љубовта, за меѓусебните односи, за општеството, бракот и принципите на мислење… - Иако е сложена во мотивите, „Етика“ е исклучително суптилен и софистициран опис на најнежните движења на човечката душа, па дури и практичен прирачник за водење (по)добар живот, информира издавачот.

„Ѓурѓа“ го објави и дијалогот  „Тимај“, меѓу најсистематските и најкомплексни дела на Платон, во кое концизно е  презентирана неговата контроверзна теорија за причините за грешење на луѓето која подоцна во историјата на филозофијата е основа за просветителството.

Објавена е и „Реториката“ на Аристотел, своевиден  прирачник за говорот како моќно оружје. Беседништвото како осмислен и ритмички обликуван начин на изразување, чија основна цел е убедување, придобивање слушатали за она што се заговара, е старо колку и самиот говор. Него Аристотел го крева на ниво на вештина заснована врз научни принципи.

„Ние, филолозите“, пак, исто така, ново издание на „Ѓурѓа“. содржи  конструктивни идеи на филозофот Ниче каква треба да биде класичната култура.

„Ѓурѓа“ ги објави и „Активната страна на бескрајот“,  автобиографски роман на Карлос Кастанеда,  „Мистерии“ на Кнут Хамсун, кој се смета за еден од најдобрите романи на 20 век, „Лекување на емоциите“ од Крис Грискам посветена на духовниот потенцијал и „Историја на сексуалноста“ од Морус,  за која издавачот соопшти дека е возбудлива хроника на најпикантните детали од животот на обичните луѓе, но и на великаните. хс/са/12:55