Тивериополската филмска алијанса од Струмица продолжува со организирање на летните програмски активности, како субјект инициран по востановувањето на фестивалот Астерфест во 2005 година. Досега ТФА освен во Струмица, по покана има реализирано бројни филмски активности (проекции, средби со автори и работилници) и во Дојран, Тетово, Кратово, Богданци, Пробиштип, Штип, Отешево, Охрид, Скопје, во Манастирот Вељуса, во Термата во Банско и на локалитетот Преведена, а до крајот на летото во план се проекции и во Ново село, Василево, Босилово и Гевгелија.
ТФА е веќе етаблирана како Институт за краток и документарен филм кој има свое седиште во Струмица и својот инспиративен импулс го црпи токму од уникатноста на струмичкото поднебје, откривајќи нови кинематички простори. Основни цели на ТФА се дигитализацијата на визуелното наследство, едукацијата на нови генерации синеасти, како и афирмацијата на краткиот и документарен филм, со размена на меѓународни искуства. Меѓу другото, струмичката ТФА ја врши својата делотворна функција и како афирматор на филмската уметност во урбаните и руралните средини.
Една од актуелните проектни активности на ТФА е и работилницата за концептот на Астер Арт Филмска Колонија која се одржува од 20-22 август во Хотелот Тивериопол во Струмица, кадешто учествуваат филмски професионалци од Албанија, Косово и Македонија.
Исто така, на 28 агуст за струмичката публика ќе биде одржан еден несекојдневен филмски настан во рамките на манифестацијата Топол културен бран, а во сезоната која претстои ќе следуваат филмски проекции на Царевите кули, на Новиот плоштад, на Автобуската станица, во Музичкото училиште и во други интересни амбиенти.