Нови 20 објекти за промоција на македонското наследство


Унифицираните монтажни објекти наменети за продажба на сувенири и друг вид културно-туристички промотивен материјал наскоро ќе бидат поставени на фреквентни и атрактивни локации во повеќе градови во државава, во туристичките центри, како и на граничните премини и во националните паркови


Дваесет унифицирани монтажни објекти наменети за продажба на сувенири и друг вид културно-туристички промотивен материјал наскоро ќе бидат поставени на фреквентни и атрактивни локации во повеќе градови во државава, во туристичките центри, како и на граничните премини и во националните паркови. Според надлежните во Министерството за култура на РМ, во овие објекти ќе се продаваат автентични и препознатливи сувенири - копии на археолошки наоди од Република Македонија, кои ќе претставуваат сублимирани материјални симболи на Македонија, на македонската традиција, култура, уметност, наследство, природа...

Предметите што ќе се продаваат во овие објекти се поделени во две групи. Во првата спаѓаат предметите - копии од археолошки предмети пронајдени на локалитетите во државата. Тие ќе бидат соодветни на оригиналите и ќе поседуваат сертификат, а ќе ги изработува Музејот на Македонија. Оваа институција ќе биде задолжена и за континуирано снабдување со сувенири на објектите. Во втората група, пак, спаѓаат фигури, магнети, сложувалки, приврзоци, украсни чинии, касички, кутии за колачи, маици, капчиња и др., кои ќе имаат употребна и декоративна вредност и се во фаза на изработка", велат од Министерството за култура.

Во првата фаза, до крајот на октомври годинава, како што најавуваат од Министерството, е планирано поставување на првите 10 објекти, кои веднаш ќе бидат ставени во функција. Ова е, пред се, одлична можност домашните и странски гости да понесат со себе автентичен сувенир од Република Македонија.

Погледнато низ призмата на културното наследство, Македонија е земја со длабоки корени, земја со голем број археолошки локалитети, цркви, манастири, џамии...и многу други движни и недвижни добра од различен вид и период на настанување. Ова културно богатство е со особено значење за афирмација и промоција на нашата држава, како и за развој на туризмотт, додаваат во Министерството за култура на РМ.

Со објектите ќе стопанисуваат заводите и музеите од градовите на чија територија ќе бидат поставени, а е предвидена и каталошка и интернет-продажба што ќе ја спроведува Музејот на Македонија.

(Д.Т.) http://vecer.com.mk/?ItemID=5F113E1490295C4F9D810C4DE3E0A4EB