Скопје, 26 ноември 2011 (МИА) - Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и радиото „Клуб ФМ“ денеска ја почнуваат кампањата за поттикнување на свеста за читање книги на различни места низ градот „Читај секаде“.

Преку кампањата ќе се промовира читањето на јавни локации. За таа цел, денеска во клубот „Матица“ ќе се одржи дебата на млади луѓе на тема „Книга или филм“, мини концерт и ќе се продаваат книги за симболични цени од 100 денари.

Во рамки на кампањата, наредниот месец на фејсбук страницата „Читај секаде“ посетителите може да поставуваат предлози за книги и фотографии од најинтересните места за читање, да гласаат за нив и да предлагаат дизајн за корица на книга. Најдобрите идеи ќе бидат наградени.

Главниот настан ќе се одржи на 17 декември на улицата „Македонија“ во центарот на Скопје. лѓ/ев/8:18