Вторник, 27.12.2011, 12 часот, Сули-ан

МИНИЈАТУРИ И УНИКАТНИ НОВОГОДИШНИ КАРТИЧКИ ВО ГАЛЕРИЈАТА ВО СУЛИ АН

Минијатури и уникатни новогодишни картички на студентите од прва до четврта година на Катедрата по графика при Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе бидат претставени на изложбата која ќе се отвори во факултетската галерија во Сули-ан, во вторник 27 декември 2011 година, во 12 часот.
Минијатурите се оригинални уметнички графички дела, со личен ликовен израз и изработени во најразлични техники. Изложбата е убав повод за сите љубопитни посетители да одберат оригинален новогодишен подарок или, пак, уникатна новогодишна честитка, а воедно и да уживаат во автентичниот амбиент на објектот во Старата скопска чаршија. Делата се продаваат по симболични цени, а студентите, како и секоја година, со голем ентузијазам ја подготвија оваа изложба и со нетрпение ги очекуваат посетителите. Изложбата ќе биде отворена до 19.02.2012 година.
Галеријата до 1 јануари ќе биде отворена до 19 часот, а од 1 јануари до 1 февруари до 14 часот.