Скопје, 5 мај 2012 (МИА) - Манифестацијата Денови на македонската култура во Лондон продолжува утре со изложбата „Made in Macedonia“ на Музејот на современа уметност (МСУ) во галеријата „Пал Мал“ во центарот на британската престолнина.

Современата ликовна сцена во Македонија ќе биде претставена низ делата на Антони Мазневски, Томе Аџиески, Атанас Атанасовски, Благоја Маневски,  групата „ОПА“, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ, Ива Димеска, Александра Перушевска, Јован Шумковски, Симо Шемов и Жанета Вангели. Куратор на изложбата е Викторија Васева-Димевска.

- Made in Macedonia е еден можен кадар од ликовната сцена на овој простор, што според својата идеја и мотивираност се вклопува во актуелните движења, токму во оние што ја кажуваат сериозната, искрена и длабокохумана врзаност  за некои реминисцентни фрагменти од традицијата, како инспиративен код, како носталгично сеќавање, како трансмисија ..., вели Васева-Димевска.

Директорката на МСУ Елиза Шулевска на прес-конференција минатата недела во Скопје рече дека очекува да го предизвикаат интересот на англиската публика зашто, рече таа,  се работи за  автори афирмирани во светот. Истакна дека се почестени што македонската уметност ќе биде претставена и на добра локација - во центарот на Лондон. Галеријата „Пал Мал“ е дел од комплексот Ројал опера аркад. Британската јавност ќе може да ја посети изложбата до 12 мај.

Таа е втора содржина од Деновите на македонската култура во Лондон, кои почнаа на 3 мај со концерт на Симон Трпчески и Лондонската филхармонија во Ројал фестивал хол. Манифестацијата продолжува на 12-ти и 13 мај кога во познатиот театар „Глоуб“ Битолскиот театар ќе гостува со претставата „Хенри Шести“, и со настап на ансамблот на Стевче Стојковски. Ќе заврши на 14 мај со промоција на едицијата „130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик. хс/дма/9:16