7.Vselenski.sobor

(Тајните за Библијата)


До каде стигнала Библијата во светот?

Оваа Света книга можете да ја најдете на сите страни во светот. Неа ја има меѓу сите народи и култури. Таа е Книга за која се интересирале сите луѓе, од сите времиња и на сите места. За ниту една друга книга не размислувале толку многу луѓе, како што тоа го правеле за Библијата.

Силата на Библијата се покажала во човештвото, особено, кога влијаела врз оние, кои биле и човекојадци, па постанале цивилизирани граѓани на овој свет. Таа ги преобраќа варварите во културни, насилните во мирни и непослушните – во послушни на Божјиот закон. Каде и да стигнала, таа го сменила животот на човекот.

Како се однесувале кон Библијата?

Кон Библијата сите луѓе низ историјата на човештвото имале некаков посебен однос. Некои ја величале, а некои ја отфрлале. Имало многу Јуди, кои со целив ја предавале, како Јуда Господа; имало и многу Петровци, кои се  откажувале од неа, дури и со заклетва, како апостол Петар од Христа; а имало и гонители, како Савле и јудејските книжници и рабини; дури и такви кои ја палеле, како Нерон. Но, Библијата продолжила и останала да живее како свето и Божјо дело, наменето за човекот.

Ниту една книга не била толку сурово отфрлана и напаѓана, како Библијата. Кон неа имало и има многу силна поддршка, но и многу силни напади. За едни е најсаканата книга во светот, а за други најнесаканата. Како  и да е, никој човек не ја запоставил неа. Нема човек што живеел на земјава, ако чул за Библијата, да не се заинтересирал за неа. Сите се навраќале на неа, бидејќи била важна и за оние, кои ја сакале, а и за тие што не ја сакале.

Најголемиот поет на XIX век, Бајрон, којшто бил и највлијателната личност во културата на векот, многу ја сакал Библијата и секогаш ја имал крај себе. По неговата смрт, во неговата сопствена Библија ги прочитале  следниве зборови:

    „Во оваа Света книга е тајната на сите тајни. О, колку се среќни сите меѓу смртните, на кои Бог им дал милост да слушаат, да читаат, да се молат и побожно да ги примаат зборовите од оваа Книга! Среќни се тие, кои, штом ќе ја отворат вратата на Библијата, се решени да одат по нејзиниот пат. А подобро би било и никогаш да не се роделе оние луѓе, кои ја читаат само со цел да се сомневаат и непријателски да се однесуваат кон неа.“ – (Џорџ Гордон Бајрон)

Со многу длабока почит, побожност и интересирање за Библијата се однесувал и генијалниот руски поет А. С. Пушкин. Со сета душа ја сакал оваа Света книга, навлегувал во неа и длабоко се замислувал над нејзината содржина, ја впивал во себе и таа проникнувала во целата негова личност, а тој кон неа се однесувал со чиста, детска доверливост. Затоа, едноставно, рекол:

    „Мислам дека ние никогаш не можеме да му дадеме на човештвото ништо подобро од Светото писмо.“ – (А. С. Пушкин)

Таков бил односот кон Библијата и на познатиот руски писател Ф. М. Достоевски. Тој, со својот генијален талент, проникнувал до најдлабоките страдања на човекот и покажувал дека Светото писмо е најдобриот сопатник во човечкиот живот. Тоа го правел, не само низ неговите напишани дела, туку и во неговиот личен живот. Библијата му била негов најдобар придружник и во добро и во зло. Затоа, восхитено запишал:

    „Господи, каква книга е Светото писмо и што да кажам за неа? Какво чудо и каква сила му е дадена на човекот во неа? Ја сакам оваа Книга! Народот би исчезнал без Божјите зборови!“ – (Ф. М. Достоевски)

Му треба ли Библија на нашево време?

Библијата не е книга на едно време, на еден век или на еден народ, ниту на еден јазик или една раса, туку е за сите и за секогаш. А сега, во ова сегашно време, Светото писмо ни е потребно дури уште повеќе отколку порано. Ни е потребно повеќе од кога и да било. На светот и сега му е потребен зборот Божји. И нам ни треба Евангелието. И ние треба да ја чуеме Божјата порака до нас.

7.Vselenski.sobor
Нашево време е уште пострашно од минатото. Полно е со гревови и зла. Нему најмногу може да му помогне Светото писмо. Во него, Божјиот збор ни е понуден, а ние треба само да го прифатиме и да го исполнуваме.

За потребата од Светото писмо во секојдневниот живот, кажуваат и зборовите на американскиот претседател Џорџ Вашингтон, кој вели:

    „Невозможно е правилно да се управува со светот без Бога и без Библијата…“ – (Џорџ Вашингтон)

И. Н. Непљуев бил руски писател и општественик, кој бил вдахновен поклоник на Книгата на животот и за неа рекол:

    „За човекот е срамно, ако не ја знае основната содржина на Книгата на животот, а уште посрамно е, ако е тој образован човек, бидејќи образован, прочитал повеќе книги, а не согледал дека Книгата е поважна од сите други книги и дека знаењето за вечната вистина и правда Божја е поважно од сите други знаења“. – (И. Н. Непљуев)

Оној, кој не ја чита Библијата и не ги признава своите обврски пред Бога, полош е од безбожниот.

(Продолжува…)

 09.11.2019 лето Господово

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/biblijata-kniga-shto-preobrazuva-part-1/