3.angeli.so.truba

Карактерот на христијанската вера се изразува преку тајната на Божественото Вочовечување. Како што при Вочовечувањето постојат сетилни и сфатливи работи, со коишто се изразува натприродната и несфатлива тајна, така и во Божјото присуство општо, постојат сетилни и сфатливи работи, коишто водат кон препознавање на неговата трансцендентна (непоимлива) природа.

На тој начин, верата – која започнува од препознавањето на сетилните работи во Божјото откровение – води кон духовно искуство на Неговото лично присуство. Вистината на христијанската вера ни се открива како вистина на личносно заедничарење и живот. Па така, познавањето на таа вистина е познавање на вистинскиот живот.

    Христијанската вера како личносно заедничарење со Бога не може да се затвори во типови и објективизирања. Истото се случува и со нејзиното изразување во секојдневниот живот.



Проф. д-р Георгиј Манѕаридис

Впрочем , паралелно, верата ги храни различните религиски изразувања и објективизирања. Овде се наоѓа и опасноста од сведувањето на христијанската ера на ниво на религија и на нејзина типизација.

За предупредување на таквата опасност, преданието на Црквата располага со две основни сигурносни вентили. Па така, на ниво на теологијата го има апофатизмот, додека на ниво на црковен живот го има начелото на икономијата.

Апофатизмот отфрла секаква идентификација на теолошките термини со термини од овој свет, упатувајќи на тој начин во длабините на Духот. А и начелото на икономијата ја оттргнува крутоста на законот и каноните, зачувувајќи ја на тој начин слободата на личноста и духот на благодатта.

Рационалното знаење како создадена функција на човекот е ограничено во создадената реалност, каде што и таму има свои граници. Но кога станува збор за несоздадената реалност, за „Оној Кој е“, тогаш рационалното знаење е потполно неспособно. Покрај тоа, таквото знаење ги објективизира и ограничува работите. На тој начин го зајакнува индивидуализмот и ја храни гордоста.

    Затоа, во таа врска на човекот со Бога предуслов е верата. Таа не го укинува знаењето, ниту, пак, доаѓа во контрадикција со него. Но напротив, создава еден нов вид на знаење, кое го одржува човекот секогаш отворен кон она што го знае, без да го објективизира или да го ограничува. Тоа знаење постои и се развива на ниво на слободата на Духот. Тоа знаење е емпириско (искуствено), плод на егзистенцијално заедничарење.

Рационалното знаење претходи на верата и може да се движи независно од неа. Напредокот во тоа знаење не ја ограничува вредноста на верата. Но едноставноста на верата е посилна од природното знаење и логичните докази.

На денешниот човекот му е тешко да напредне во својот живот со верата. А таа тешкотија произлегува од самиот него. Современиот човек обично се потпира на својата логика, затоа што така може да биде прифатен од другите и за да се служи со непосредноста на работите. Сепак, создадената логика не може да навлезе во несоздадената Божја вистина. А тоа е потполно природно, со оглед на тоа што не може да навлезе дури ни во вистината на созданието. Но колку што е потешка верата денес, толку понеопходна станува, за човекот да не ги изгуби Бога и вистината.



Извадок од книгата: Γεωργίου Ι. Μαντζαρίδη, Χριστιανική Ηθική. Δεύτερος τόμος. Ι. Μ. Μ. Βατοπαιδίου, Άγιον Όρος 2015, σελ. 163.
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител

 

https://bigorski.org.mk/etika/karakterot-na-verata/