Право на смрт

 abortus


,,Мое тело мој избор’’

,,Дали не’ прашавте?’’

,,Пратенички не кревајте рака’’

Транспаренти со овие пораки беа истакнати против новите измени во законот за прекинување на бременоста. Група граѓани протестираше против одлуката на владејачкото мнозинство во Парламентот. На социјалните мрежи лимитирањето на бројот на абортуси доби жестока критика од некои борци за човекови права. Во повеќе наврати ги изнесов моите ставови по ова прашање, но ете се решив за оваа секогаш актуелна тема повторно да ги споделам со вас моите заклучоци.

Борците за правото на абортус се всушност борци за правото на смрт. Правото на абортус не постои! Она што реално постои е правото на живот, а абортусот е негација на тоа право на некое човечко битие. Како што не постои студот, туку недостатокот на топлина, така не постои и правото на абортус, туку постои правото на живот а абортусот е негација на тоа право. Правото на живот е поставено како свето и гарантирано од сите уставноправни системи во светот. А абортусот е непостоечка категорија сама по себе, зашто за да се оствари абортус најпрво мора да постои животот кој преку абортусот ќе биде ликвидиран. Кога некој се бори за правото на абортус, во суштина тој/таа се бори за правото на нанесување смрт- во физичка, морална, економска и национална смисла на зборот.

Зборувајќи за правото да се нанесе смрт на друго лице во физичка смисла на зборот, веројатно апологетите на ткн. ,,право на абортус’’ ќе ми опонираат со тезата дека во првите 12 недели зачнатото во мајчината утроба не се смета за човечко битие, туку е ,,само’’ фетус. Изминативе денови при овој приговор ги прашував моите соговорници: а што е тоа човечко битие? Како ќе дефинирате човек? Од кој момент човекот започнува да постои? Одговорот најчесто беше: ,,Човек е она што има срце, раце, нозе, интелект, емоции, човечки изглед…’’ По оваа логика и орангутанот е човек затоа што ги поседува сиве овие квалитети. Која дрскост е тоа да се дефинира човекот? Која горделивост своеволно, на своја рака, да ја преземеме улогата на Бог и да одредиме момент од кој започнува човечкиот живот! Според Библијата, а јас сосема го прифаќам библискиот став, животот започнува од моментот на зачнување. Колку сакате спорете, колку сакате негирајте, зачнатото во мајчината утроба е човек. Во спротивно, ќе морате да ја преземете на себе невозможната мисија и да дефинирате што е тоа човек.

,,Правото на абортус’’ значи нанесување морална смрт на личноста (на родителите но и сите засегнати) и морална ерозија на општеството. Правото на нанесување на смрт на неродениот човек овозможува водење на сексуално неморален начин на живот. Можноста за абортус создава инфантилни личности, личности кои не сакаат да одговараат за своите избори. ,,Пу-пу- не важи’’ е начинот на размислување својствен за децата, а не за личности кои се возрасни и од кои се очекува свесно да одлучуваат за своите постапки и да ги преземат обврските кои следат од нивните слободи и права. По малку е смешно, но многу е трагично, што законот дозволува да абортираат лица кои се полнолетни. Абортусот е незрело однесување- а таквото е карактеристично за малолетници. Возрасните се должни да одговараат за своите избори, всушност токму тоа е суштината на зрелоста.

,,Правото на абортус’’ значи нанесување на економска смрт на државата. Со стапка од отприлика 30% на абортирани од вкушниот број зачнати бебиња, редно е да се прашаме: кој ќе ги полни фондовите во наредните децении? Пензиите, здравственото осигурување, даноците-  се всушност финансии извлечени од реалната економија и прераспределени на категориите граѓани и институции неопходни за функционирање на државата. Спиралата на смртта, започнува со абортусот а потоа тоа е веќе незапирлив процес. Намалениот наталитет значи слаба економија, која пак генерира уште помала стапка на наталитет- кој значи уште послаба економија. Тоа води до заклучокот дека

,,Правото на абортус’’ значи смрт на нацијата! Нацијата која ги абортира своите чеда ја абортира сопствената иднина. Најголемото богатство на нацијата не се природните богатства кои ги поседува, туку човекот! На оваа тема за најголемото богатство на нацијата ќе следи посебна колумна.

Граѓаните кои протестираа пред Собранието пред неколку дена, всушност извикуваа дека имаат право да нанесат смрт. Правото на абортус значи право да нанесеме смрт и право самите да умреме како личности, како економски систем и како нација. Со измените на законот се допринесе бар малку овој процес да се забави. Сепак, квазимедицинските методи за остварување на правото на смрт сеуште постојат. Чедоубијците ќе најдат начин да го уништат најсветото. Не можам да ги спречам, само да ги потсетам дека ни најкрволочните ѕверови не го уништуваат своето потомство и да ги натерам да размислат за својот идентитет. Ако ни ѕверот не го уништува своето потомство, тогаш каков ли створ е оној кој своето чедо го жртвува на олтарот на задоволството?

 Извор:http://draganalcinov.wordpress.com/2013/05/31/%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D0%BC%D1%80%D1%82/