06.06.2013

 И тоа време, небаре прекрасна ренесансна лирика, дојде оваа расцутена пролет, која, сигурен сум, ќе се памети по најубавото нешто што му се случило на овој град - отворањето на старо-новиот театар - и ќе остане населена во меморијата на скопјани поради таа преубава жар-птица, која секогаш и одново никнува од пепелта кога желбата и љубовта се пламено осветлени    
    Objekt.MNT1.jpg
   
Бил студен февруари таа 1950 година, кога татко ми го имал првиот официјален љубовен состанок со мајка ми. Сакал да ја импресионира деветнаесетгодишната девојка, па со врски, преку „подружница“, успеал да обезбеди две карти, две скапоцености за влез во магичното царство, и тогаш и денес наречено - театар. Таа вечер на тие „штици што го спасуваат светот“ се играла комедијата „Волци и овци“ од Островски и можеби токму во овој симболичен наслов „волкот“ ја препознал својата шанса во однос на јагнето. И првпат го бакнал.

„Влегов во свет поинаков од оној надворешниот“, раскажува мајка ми, „во миг исчезна сè, и скудното повоено време, и беспарицата и животот на ’тачкици’. Внатрешноста на зградата во Еврејско Маало, на левиот брег од Вардар, беше најубавото нешто што дотогаш го имав видено во животот. Раскош, свет од бајките, фасцинација што силно ми ги нападна сите сетила и милениумски ме оддалечи од соцреалистичкото секојдневие. Театарот сјаеше во секој свој дел - од ложите, преку партерот, угоре кон галеријата, балконите, сè до бината, фоајето - и таа светлина години подоцна, низ стотици театарски претстави, опери (ах, ’Травијата’), балети, го осветлуваше нашето животно тркало“.

Стариот театар не ѝ одолеа на природната сила и пред точно педесет години се престори во безлична урнатина, потоа расчистена, па празното место пет децении ги чуваше спомените за секогаш преполните претстави, за среќата што ги обземаше луѓето кога ќе се најдеше билет, за бардовите на театарската уметност, за „Чорбаџи Теодос“ и „Ленче кумановче“; местото го чекаше своето време и својот театар.
И тоа време, небаре прекрасна ренесансна лирика, дојде оваа расцутена пролет, која, сигурен сум, ќе се памети по најубавото нешто што му се случило на овој град - отворањето на старо-новиот театар - и ќе остане населена во меморијата на скопјани поради таа преубава жар-птица, која секогаш и одново никнува од пепелта кога желбата и љубовта се пламено осветлени. Сега точно знам како се чувствувала мајка ми кога првпат влегла во прекрасниот стар театар и кое било тоа волшепство што така силно ја илуминирало. Знам, зашто и моето влегување во новиот објект Стар театар пред неколку дена, на свеченото отворање, ги трансферираше низ времето чувствата на фасцинираност, гордост и возвишеност, чувства, кои, немам дилеми, ќе го обземат секој оној што ќе влезе во неговата внатрешност, во тие 7.200 квадратни метри софистицираност, елеганција и добар вкус. А тоа беспоговорно мерило, таа естетска категорија, која не препознава ни грам кич, се распослала и дише на секој милиметар во просторот, во големата сала со партер и две галерии со 724 седишта, во малата сала со 213 седишта, во Музејот на МНТ, низ фоајеата, на силно осветлената бина...

Навистина, нема што многу да се додаде на она што на отворањето го рече министерката за култура Елизабета Канчевска-Милевска, констатирајќи дека „новиот театар е и музеј сам по себе, бидејќи низ неговата орнаментика е претставено нашето богато културно наследство, оригинални мотиви што припаѓаат на доцноантичкото, средновековното и постсредновековното уметничко наследство.

На ложите, но и низ целиот објект, се аплицирани различни мотиви, нашата најубава резба од црквата „Свети Спас“, орнаментика од мозаиците од Хераклеја, детали од теракотните икони од Виница, маски, релјефи, менади, музи...“ Да, историјата на Македонија, со еруптивна естетска сила, со, би рекол поетот, „божева хубавина“ влегла во овој нов Македонски народен театар, кој како и Чернодрински, се врати дома, за гордо и вечно да сведочи за несомнените културни вредности на оваа земја.

Повторно сум во минатото, во педесеттите, до земјотресот во 1963 година, повторно со сеќавањата на мајка ми, која ги помни сите пополнети седишта во театарот, столчињата ставени отстрана, молежливото „карта повеќе, карта повеќе“ на оние вљубеници во театарската уметност без обезбеден билет, тапкарошите... Може ли минатото да ни се случи сега и во иднина, може ли како и некогаш да се бара билет повеќе, не само за премиерите и не само на официјалното отворање на почетокот на сезоната, кога во вечната куќа на уметноста ќе се постави претставата „Вечна куќа“ од Јордан Плевнеш? Може, напросто и затоа што новоотворениот театар не е само форма, светликава реплика на поранешниот и своевидно театарско Потемкиново село, туку куќа на уметноста со извонредна актерска екипа, место каде што таа, уметноста, со силата што ја поседува, нè направила да се чувствуваме отпорни на сите животни премрежиња. И уште Антонен Арто, еден од најголемите театарски теоретичари, кој во театарот гледа митска мисија на едно ново создавање на светот, чие волшепство можат да ни го дадат само театарските штици.

Конечно, ајде да ја следиме логиката: ако по половина век можеше стариот театар да си се врати на своето природно место, не знам зошто не би можеле и гледачите.



Авторот е новинар - Нова Македонија  
Автор: Милан Банов