Проф. д-р Стефан Влахов Мицов

Внимателното читање на концептуалната рамка на Нимиц покажува дека во неа е скриена бомба за идни конфликти меѓу Грција и Македонија. Тоа е во случај ако допуштиме теорија дека двете страни ќе можат да се разберат за името. Во споменатите точка 1 и 2 од дел два се говори дека државите посакуваат делови „од историска Македонија“. Точката 9 од истиот дел всушност го разрешува користењето на изразите „Македонија“ и „македонски“ само како географски имиња за економски цели. Очевидна е разликата меѓу „историска“ и „географска“ територија, што ќе предизвика идни спорови. Противречност има и во точките 1 и 8 од дел втори. Првата „признава дека трите административни делови на првата држава (Грција) се викаат Источна Македонија, Централна Македонија и Западна Македонија, а точка 8 ги забранува ексклузивните „политички или економски“ права врз името „Македонија“ или „македонски“. Со други зборови, ем се признава административното делење, што е дел од грчкиот политички систем во нејзиниот дел од Македонија, ем се забрануваат политичките права врз името.
Овој хаос не е случаен, туку е со предумисла. Идејата е меѓу Грција и Македонија секогаш да има потреба од посредник. Таа идеја е дел од глобалната идеја за контролиран конфликт на Балканот. Одамна во науката е позната флоскулата за „управување на кризи“. Вистинската определба е „наука за предизвикување и управување на кризи“. Ако поделбата на Југославија создаде криза на Балканот, објавената независност на Косово има цел да ги хаотизира процесите, за да можат САД да бидат вечен посредник при регулирањето. Во зависност од моментните интереси. Во сегашната етапа Република Македонија има интерес да влезе во НАТО. Проблемот е што во моментот таа не е доволно почитувана од НАТО, тука на Балканот. Во други случаи, како испраќач на војници во Авганистан е почитувана. Кризата во Косово & ја зголемува цената. Задачата сега е да не се прават никакви отстапки за името. Но, Грција цели да стави вето (меѓу другото, дел од бугарските весници избрзаа и еден месец порано објавија дека Грција веќе ставила вето) . Дури и да се случи тоа, македонските шанси нема сосема да бидат загубени. Не е далеку, не само од морална гледна точка, дека грчкото вето ќе предизвика реакција на светската јавност кон Грција заради дестабилизирањето на Балканот на тој начин. Не е тајна дека вознемиреноста тука допрва ќе расте и Република Македонија ќе стане многу ценета и за НАТО и особено за САД.
На Балканот се враќа другиот голем светски играч - Русија. Со потпишувањето на проектот „Јужен поток“ со Бугарија, Унгарија и Србија, Русија силно ги најави своите економски интереси во Југоисточна Европа. Позната е категоричната политичка позиција на Москва во поддршката на Србија за Косово. Се поизвесно е дека економските и политичките интереси се заштитуваат најдобро со воени средства. Како одговор на американските бази во Бугарија и на НАТО во Косово, логично е распределувањето на руски војници во Србија и дури во Северно Косово.
Времето за тоа не е далеку. Предвидувајќи ја таквата опасност за своите интереси САД настојуваат на средбата во Букурешт да бидат поканети за членки на НАТО: Хрватска, Македонија и Албанија. Ако Македонија биде отфрлена поради грчкото вето, многу бргу потоа нејзината цена многу ќе се зголеми, како резултат на активностите на Русија. Само што, за разлика од денес, тогаш Македонија ќе може да прави избор, да се пазари и дури да поставува услови како што тоа сега го прави Грција. Затоа, сега е важно македонскиот државно - политички врв да не попушти под никаков притисок - ниту за НАТО, ниту за ЕУ, ниту на САД. Но, во следната благопријатна етапа да покаже се по ред - и сила и решителност и дипломатско мајсторство.
Вистинска проверка на вредностите на политичарите и државниците се кризните периоди. Плашливите се кријат за навек, храбрите ги користат кризите како отскочна штица за напредок на своите држави.
На крајот, уште нешто. Никој да не си вообразува дека Република Македонија може да попушти за името денес, а подоцна, како членка на НАТО и на ЕУ, да го ревидира прифатеното решение. Колку што Бугарија, како член на ЕУ, може да ја ревидира својата согласност за затворањето на третиот и на четвртиот блок на нуклеарната централа „Козлодуј“, толку и Македонија, ако попушти денес, утре ќе може да се коригира.
Не е фатално ако Република Македонија влезе во НАТО и во ЕУ под името ФИРОМ, бидејќи сите знаат дека тоа е наложено решение, привремено име на државата. Тоа може да стои уште 20 години, но во принцип е привремено. И еден ден ќе падне. Откако повеќето држави членки на ООН ќе не признаат под уставното име може да се иницира процедура за конечно признавање под тоа име. Секаква промена на името Република Македонија денес всушност се смета како доброволно прифаќање и ќе остане име на државата додека таа суштествува. Ќе завршам со голема зачуденост. Ако некои од нас брзаат да си го сменат роденото име, што ќе направите? Ќе се согласите ли, нема да се согласите или ќе прашате дали е убаво новото име што ви го избрале? Не сум убеден дека секој кој со толку голема жар прокламира компромис со Грција и лицитира нови имиња за Република Македонија, со иста таква подготвеност би го сменил сопственото име.
Случајот со турското малцинство во Бугарија пред 20-тина години е особено поучен. Само за неколку месеци повеќе од 300. 000 Турци се иселија од Бугарија, оставајќи ги куќите и имотот, но не ги променија своите лични имиња. Ако по 1969 година Движењето за права и слободи (политичка партија на Турците во Бугарија) секогаш е во власта, причината тогаш е во храброста и достоинството на бугарските Турци и нивните политички водачи. За разлика од Турците во Бугарија, Македонците во Република Македонија не се принудени да се иселуваат за да го зачуваат името. Заштитата на името на државата не е помалку одговорно дело, туку е уште повеќе обврзувачко, отколку заштитата на личното име. Затоа тие кои се подготвени да примат секакви имиња за себе и за Република Македонија, тоа нека го прават надвор од државните граници.

(Крај)

Авторот е универзитетски професор

 Од Македонија зависи дали ќе стане жртва 

 

Извор: Време

Посети:{moshits}