Откако во Шпанија беше осудена студентка поради твит со кој повикува неактивна радикална терористичка група да се мобилизира, повторно се отвори прашањето за слобода на говор, едно од суштинските човекови права, во кое секако не спаѓа говорот на омраза. Но токму ширењето говор на омраза е само една од нуспојавите на развојот на социјалните мрежи, оценуваат експертите


 Кај нас се јавувале повици за насилство на Фејсбук, но не добиле големо значење

падна ПРВАТА ПРЕСУДА ЗА ТВИТЕР-ТЕРОРИЗАМ

Студентката Алба Гонзалес Камачо беше казнета со една година затвор бидејќи на социјалната мрежа Твитер ја повикала неактивната радикална група ГРАПО повторно да се вооружи. Таа не е член на ниедна терористичка група, нема направено ниеден прекршок, но шпанскиот суд ја осуди за поттикнување тероризам. Според судот во Мадрид, Гонзалес Камачо ја преминала границата во слобода на изразување и влегла на теренот за државните борби против тероризам.

„Ветувам дека ќе го истетовирам лицето на човекот што ќе го застрела премиерот Маријано Рахој во врат“. Ова е пораката што Алба ја напишала на Твитер и која ѝ обезбедила околу 7.000 следачи, а по пресудата и двојно повеќе.

Шпанските правници сметаат дека со овој случај власта дава до знаење дека друштвените мрежи не ослободуваат од одговорност за јавно изговорен или напишан збор, но и предупредуваат дека ова е нерегулирана област и дека корисниците на Интернет се движат по несигурен терен.

САМОКОНТРОЛА, А НЕ ПРАВНА РЕГУЛАЦИЈА

Случајот на „твитер-тероризам“ го отвори прашањето за слобода на говор, едно од суштинските човекови права, во кое секако не спаѓа говорот на омраза. Според Ива Дујак, експертка за нови медиуми, ширењето говор на омраза, а со него и поттикнувањето насилство е само една од нуспојавите на развојот на социјалните мрежи.

- Случајот на Камачо е навистина деликатен, од една страна, станува збор за нејзина слобода на изразување онлајн, но, од друга, тоа е јавен повик за насилство. Недостигот од регулативи насочени кон онлајн-просторот, според мене, го става нејзиниот потег во сива зона, оставајќи простор за анализирање на позитивниот аспект - слободата да го искаже тоа што го мисли или, според нејзините зборови, „борба против системот“, но и на негативниот аспект - изговорот на терористичките групи за напад, токму поради овој твит - објаснува Дујак.

Ограничување на онлајн-комуникацијата, според нашата соговорничка, не треба да има толку од правен аспект, колку што е неопходна самоконтрола.

- Многу често забораваме колкав всушност аудиториум нудат социјалните мрежи, па неретко се случува да се објави содржина што не е наменета за толку широка публика, воопшто не помислувајќи до кого сѐ може да стигне таа информација. Сметам дека казнувањето или ограничувањето на говорот онлајн на кој било начин не е соодветно решение. Потребно е да се посвети поголемо внимание на содржините што се објавуваат и да се интензивира едукацијата од опасностите што може да ги донесе неодговорниот пристап кон споделувањето, особено сензитивни содржини. За среќа, досега кај нас акциите поттикнувани од корисници на Твитер биле главно насочени кон позитивни акции и активности. Во одредени моменти на Фејсбук се јавувале повици за насилство, меѓутоа сето тоа не добивало големо значење за да дојде до фаза на ескалирање - вели Дујак.

ПРЕВЕНТИВНА РЕАКЦИЈА

Министерството за внатрешни работи при секоја активност на социјалните мрежи со вклучен говор на омраза, апел за насилство, повикување на јавни протести или друг тип прекршок со помош на социјалните мрежи интервенира превентивно, за да не се случи нешто посериозно.

- Во такви случаи контактираме со лицето-креатор за да ги избрише групата или статусот за да не се влоши ситуацијата, а доколку сметаме дека е направено некое кривично дело, го испраќаме до надлежните органи. Но и секој што ќе види нешто на социјалните мрежи што смета дека е опасно за јавноста или слично треба да реагира и да пријави - вели Иво Котевски, портпарол на МВР.

ЗАШТИТА НА ПРИВАТНОСТА

Правото на заштита на личните податоци е фундаментално човеково право гарантирано со Уставот на Република Македонија и со Законот за заштита на личните податоци. Таа заштита навлегува во сите сфери на општественото живеење. Често се случува нарушувањето на едно човеково право директно или индиректно да влијае на нарушувањето на правото на приватност. Таков е случајот со нарушувањето на балансот меѓу правото на приватност и слободата на изразување на граѓаните.

- Дирекцијата за заштита на личните податоци, иако во своите надлежности утврдени со закон нема директна надлежност за заштита на правото на слобода на изразување, реагираше во конкретни случаи во кои слободата на изразување на социјалните мрежи премина во говор на омраза, кој меѓу другото претставуваше и нарушување на приватноста на одредени поединци. Во конкретните случаи стануваше збор за јавно објавување чувствителни лични податоци, вероисповед, политичко убедување, сексуална ориентација, фотографии што беа употребени во контекст на етикетирање и карактеризирање на лицата на кои се однесуваа овие податоци. Точно е дека секој од нас има право да изрази сопствен став и мислење, но не и да ја премине границата и да загрози нечија туѓа приватност - објаснува Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Најчестите злоупотреби што ги бележи дирекцијата во поново време се објавување фотографии без согласност, крадење идентитет на Интернет, креирање лажни профили, компромитирачки видеоматеријали, украдена лозинка на електронска адреса.

- Во 2013 година Дирекцијата постапуваше по 230 барања за бришење лажни профили на социјални мрежи, шест барања за отстранување видеа од Јутјуб и 16 барања за украдени лозинки на електронски адреси - додава Стојановска.
    
      
Автор: Сања Јачевска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.     


Извор: Нова Македккк