Владиците ги бранат бебињата од епрувета

Од ниту еден црковен канон не произлегува дека е грев да се врши вонтелесното оплодување за да се раѓаат децата, вели митрополитот Петар

Професорите од Богословскиот факултет претеруваат кога тврдат дека вонтелесното оплодување со цел да се добијат деца претставува грев, изјавуваат владици на Светиот синод на Македонската православна црква. Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар и дебарско-кичевскиот Тимотеј сметаат дека не може да се забранува методата со помош на која брачните двојки ќе добијат потомство. Од ниту еден црковен канон не произлегува дека е грев да се врши вонтелесното оплодување за да се раѓаат децата. Каноните се пишувани во дамнешните времиња кога немало ни помисла за оваа, како и за другите, медицински методи. Затоа, не може никој да влече остар заклучок дека црквата не дозволува таков начин на оплодување. Методот има хумана цел, оние луѓе што сакаат да имаат деца да добијат потомци. Тука нема никакви манипулации - вели владиката Петар.Наставно-научниот совет на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ пред неколку дена соопшти дека ваквиот метод ја „изопачува и ја разградува природата на семејната заедница“.

- Новите репродуктивни технологии, вонтелесно оплодување, лекување на неплодноста, вештачката инсеменација, ин витро-технологијата, може да доведат до манипулирање со природата на човекот. Стерилните брачни заедници, чиј број е се' поголем, не се последица на онтолошкиот статус на човекот, ниту се последица на неговата биолошка еволуција. Тие се предизвикани од трансформацијата на природната средина, чиј краен резултат е еколошка катастрофа. Црквата смета дека проблемите на болеста, неплодноста или на раѓањето деца се решаваат, пред се', со покајание и молитви кон Бога - е ставот на професорите на Богословскиот факултет.Владиката Тимотеј истакнува дека не може да им биде ускратена желбата на луѓето преку медицински методи да добијат потомство: Тоа не е толку неприроден начин како што го претставуваат професорите. Црквата во никој случај нема да ги отфрли и да ги игнорира децата родени по овој пат.Хераклејскиот епископ Климент истакнува дека за вакво важно прашање е потребно да се изгради единствен став на Синодот на МПЦ.

- Ова е сложено прашање, кое засега многу луѓе и затоа треба колективно да се изјасниме - вели тој.

Ставот на Богословски факултет следува непосредно по неодамна објавениот список со нови гревови од страна на Католичката црква. Папата Бенедик Шеснаесетти во минатата недела на традиционалните гревови додаде нови седум грева, кои се дел од глобализацијата. Прв на списокот со нови гревови е токму генетската модификација, а следуваат експериментите врз луѓето, уништување на природната средина, општествената неправда, осиромашувањето на другите - своите најблиски, повредите и дрогата. Руската православна црква по ваквиот потег на Ватикан изјави дека не е надлежност на православната христијанска религија да прави список со свои гревови.

Може ли Господ да подарува крв

По логиката на професорите од Богословскиот факултет православните христијански верници, како некои секти, не би требало ниту да примаат крв преку трансфузија, ниту да даруваат или да примаат органи, вели владиката Петар.  Тие, значи, би требало да чекаат Господ да биде крводарител и да им подари крв за некоја операција. Кај вонтелесното оплодување се работи за создавање на живот од љубов за да се продолжи родот. По логиката на професорите и жената што останала бремена откако некој ја силувал мора да го роди детето - потенцира тој.

Извор: Дневник

 {moshits}