Васко Наумовски 
 
Идејата за изградба на црква на централниот плоштад во Скопје за кратко време доби многу противници. Колку само архитекти и интелектуалци се загрижија за изгледот на центарот, за идеолошките вредности, за протокот на луѓе, за тоа како државата била уставно одвоена од црквата, како идејата не била во согласност со плановите, плоштадот повторно ќе се раскопувал и така натаму. Дури и дрско ја повикуваат Македонската православна црква да ја осуди идејата за изградба на црква! А каде бевте естетичари, секуларисти и дуповци, кога без ниту еден документ беше подигната џамија среде зградите во Карпош, безмалку на самата Партизанска? Нешто не ви пречи нарушувањето на естетиката таму. Беше ли таа во сите тие ДУП и ГУП? Или не сте нешто видливи кога треба да ја анализирате естетиката на другите религиозни градби, храбри сте само кога треба да спречите изградба на сопствените? И споменикот на Скендер-бег беше со сите потребни дозволи, нели? Токму пред градбата именувана како „Илинден“.

Грижата на архитектите за естетиката можеби најпрво би требало да се концентрира на зградата во која го печеле занаетот. Исто така, црквата ќе била некомпатибилна со плановите за изградба на подземна сообраќајница. Многу ќе тежела. Е па, ајде да ги срушиме и ГТЦ и ЕСМ, па нема да тежи ништо. Или уште подобро - да ја направиме сообраќајницата надземна. Со десет ленти. Проток невиден.
А што е црквата? Меѓу другото, таа е место каде што секој христијанин (покрај во секојдневието) ја практикува својата вера, се смирува, се соединува со Бога. Ги зајакнува своите духовни вредности, својата вера и посакува мир и љубов. Ќе се најде ли некој „јунак“ што ќе се обиде да образложи зошто не ни требаат градби од овој тип? Кому му пречат црквите? Апсурдот е тому во тоа што критиките доаѓаат од нас самите, од Македонците. Од библиската земја Македонија.
По катастрофата од 1963 година, не им завидувам на оние што треба да смислат кои мотиви да ги употребат на разгледниците од Скопје. И за крстот на Водно имаше мноштво противници, па токму таа градба е најупотребувана во сликите и сувенирите од Скопје. И за улицата Македонија се бунеа што центарот се раскопува, па денес туристите што сакаат да се фотографираат во центарот на Скопје, токму таму го прават тоа.
Кои се белезите на градот, освен Камени мост и Калето? Палатата на Ристиќ? „Дал-мет-фу“? ГТЦ? Студентскиот дом „Гоце Делчев“? Канцелариите на телекомот? Или зградите на „Рекорд“? Естетика каква што нема никаде. Ах, да. За малку ќе ја заборавев. Маркантната зграда во која се школуваат идните архитекти.

Темата е доста активна и на Интернет. Покрај на форумите и на блоговите, македонските младинци на најголемата виртуелна мрежа „Фацебоок“ се сетиле да формираат и своја група, наречена „Не сакам црква на плоштад“. А што сакаат? Џамија?
Ајде нека се индиферентни. Ајде што интимно можеби не сакаат црква. Ама да се закренат да формираат група, агресивно да го промовираат сопствениот атеизам и да убедуваат други луѓе да им се придружат - е тоа „нема ни у Београду“. Навистина, „народ со ваква младина, не треба да се грижи за сопствената иднина“.

(Авторот е доктор на правни науки)

Извор: Нова Македонија

 

Посети:{moshits}