Автор:  м-р Александар Спасеновски

Историјата на државите и на нациите е преполна со настани, кои го окупираат вниманието на намерниците. Приказните за големите освојувања, за успесите и за падовите, ни укажуваат колкава е цената на државотворната независност, но особено кој сплет на настани и на постапки го осигуруваат развојот на Нациите, а кој пак, придонесува за нивно пропаѓање. Добро познати ни се епските примери за империите што се раѓаа, се развиваа и пропаѓаа, какви што се Римската, која траеше околу 800 години, Отоманската околу 600, Британската 150 или Австро-Унгарската, која траеше околу 100 години.
 
Постојат безброј примери кога државите ги искачуваат врвовите. Меѓутоа, ниту еден успех независно од неговите димензии, значење и ефекти, не го предизвикува вниманието колку што тоа го прави поразот, не само заради фактот што историјата ја пишуваат победниците.
 
Само еден пример за настанокот, развивањето и падот на една важна држава во човековата историја, која на делови од светот им ја подари писменоста, им даде непроценливи сознанија во науката и во уметноста и која ја зацврсти и рашири сопствената вера помеѓу останатите граѓани претставува најдобра лекција за предизвиците пред кои се исправени нациите низ вековите до денес. Империјата од нашиов текст се развиваше заради една причина, а пропадна заради безброј, како што впрочем тоа е случај со државите низ целата светска политичка историја.
 
Осврнувајќи се на причините кои доведоа до пропаста на државата од нашиот текст, како најважни кои ќе ги споменеме следниве: прво, тоа се проблемите во финансиско-економскиот систем, најмногу резултат на лошото менаџирање со средствата од буџетот, со инвестициите и со природните ресурси. Втората причина е ефективното несправување со корупцијата, која до таа мера го нагриза општеството, со што тоа пропадна заедно со оние кои го разградуваа со години. Третата причина за пропаста на империјата од нашиот текст е политичката нестабилност и конфликтноста која се појави како резултат на растечките економски проблеми. Таквите политички бури, пак, продуцираа нови економски кризи, кои циклично се повторуваа сè до самиот крај. Следната причина беа меѓуетничките конфликти, кои произлегоа од политичката нестабилност.
 
Етничките сегменти, напуштајќи го бродот кој почна да тоне, почнаа да се занимаваат со својот партикуларен интерес (за кој станаа свесни дури откако ги видоа соседите), отколку со интересите на државата, со која до вчера се гордееја, владееја и ја развиваа. Несреќно одбраните и лошо имплементираните реформи, со кои власта се обидуваше да ѝ стави крај на кризата која надвисна, се следната причина за пропаста на државата за која пишуваме. Власта притисната од реалностите на животот се обиде безуспешно да го реформира системот по образец на други држави без да води сметка за своите специфични особености, вредносен систем и политичкото уредување. Петтата причина за пропаста беа демографските проблеми со кои се соочуваше империјата. Ниската стапка на наталитетот, односно црните популациски точки, кои сè повеќе се зголемуваа, го цементираа падот на државата, која немаше народ да ја гради и да ја брани, а непријателите притискаа. Меѓутоа, ниту една причина толку не ја разгради државата од нашиот текст, како што тоа го направи отстапувањето од универзалните европски вредности, кои како главен супстрат на нејзиниот државен идентитет беа единствениот фактор, кој го осигуруваше нејзиниот развој и опстојност малку повеќе од едно илјадалетие.
 
Новите држави од поранешниот социјалистички, односно комунистички блок по дисолуцијата на големите федерации се најдоа исправени пред предизвикот да се приспособат на вредностите и на системот на новото време кон кој се стремеа. Остварувањето на напредокот, како и случајот со државата за која пишуваме претпоставуваше детектирање, соочување и надминување на проблемите, кои ги истакнавме погоре. Развојот на економијата, владеењето на правото, осигурувањето на политичката стабилност, меѓуетничката хармонија, како и поттикнувањето на наталитетот се параметрите преку кои можеме да видиме, каде се движиме и со каква брзина. Дали нашата иднина е светла или бурна. Меѓутоа, независно од сè, основниот елемент, кој го осигурува развојот на секоја држава, поучени од примерот со империјата од нашиот текст е неотстапувањето од изворните вредности врз кои се темели истата, меѓу кои најважни се зачувувањето и афирмирањето на националниот, на верскиот, на јазичниот и на културниот идентитет. Македонските вредности се дел од македонското минато, сегашност и иднина. Нив ги крунисавме на референдумот за независност, кога граѓаните се определија да живеат во независна, самостојна и суверена држава, која ќе ги надживее сите векови бидејќи елементот кој ја определува смислата на нејзиното постоење е самата таа - Македонија.
Во нашата приказна може да се смести секоја држава која отстапила од вредностите, кои ја определиле нејзината изворна смисла иако станува збор за...
...Византија.
 
Авторот е пратеник

Извор: Нова Македонија

Посети:{moshits}