Симеон Стефковски

ЗА ОНИЕ ШТО ЗАМИНУВААТ И ЗА ОНИЕ ШТО ОСТАНУВААТ


Не знам веќе ни дали пишувањето е потреба или само обид човек да не се задуши од она што го гледа околу себе. Но има денови кога мислите толку силно навираат, што молчењето станува потешко од зборувањето.
А толку сакам да биде поинаку. Не затоа што светот треба да го претвориме во совршено место за живеење, туку затоа што поинаков начин на функционирање едноставно не знам. Би живеел и би работел и во субстандардни услови, ако околу мене постојат човечност, ред, достоинство и чувство дека сите заедно се трудиме да оставиме нешто подобро зад себе.
Човекот е динамично битие. Отсекогаш се борел да создаде подобри услови — и за себе, и за оние околу себе.
Но денес, сè почесто си го поставувам прашањето:
зошто луѓето си заминуваат од Македонија?


Пред некој ден бев на завршните испити на матурантите во нашето училиште и, не толку со изненадување колку со тага, дознав дека и оваа година повеќето од квалитетните деца и инструменталисти своето образование ќе го продолжат во некоја европска земја. Тоа веќе не е поединечен случај — тоа е тивок егзодус на талентот, трудот и потенцијалот.
И се прашувам: која е причината?
Светот глобално е преполн со проблеми, но очигледно нешто овде ги гуши луѓето повеќе штом се решаваат да си заминат. А ние сме виновни што не им нудиме доволно можности, сигурност и надеж за да останат.
Не велам дека е трагедија тоа што млад човек ќе оди да се образува или да гради кариера надвор. Светот одамна стана едно глобално село и секој има право својот потенцијал да го развива таму каде што верува дека ќе достигне најмногу. Но ваков одлив на квалитетен кадар и потенцијал, барем во мојата бранша, не паметам.


Многу работи влијаат на животот овде.
Јас лично верувам дека најголемата трагедија е отсуството на Бога од животот на човекот, затоа што кога човек ќе го изгуби духовниот центар, постепено ја губи и смислата, и одговорноста, и љубовта кон заедницата. Но, ако зборуваме и со јазикот на современиот свет — тогаш мора искрено да признаеме дека многу нешта што денес се нормални во развиените земји, кај нас сè уште недостигаат.


Немаме улици како за 21 век.
Немаме функционална инфраструктура.
Немаме елементарна хигиена по градовите.
Немаме култура на однесување во јавниот простор.
Слабо сме платени за трудот што го вложуваме.
Немаме доверба во правосудниот систем.
Немаме современо образование што ќе ги задржи младите.


А што имаме?
Имаме хаварија од социјално, образовно и инфраструктурно живеење. Имаме инфлација што го јаде достоинството на обичниот човек. За кратко време кафето од 100 стана 200 денари, јаболките од 30 станаа 70, патлиџаните од 50 станаа 130, омекнувачот од 180 стана 350, паркингот на работа од 2500 стана 3500… и така до бескрај. Некогаш си мислам дека цениве се само некоја привремена лоша шега и дека работите ќе се вратат во нормала, сè додека некое ново поскапување повторно сурово не ме соочи со реалноста. Секојдневието стана постојана пресметка дали човек може нормално да го истурка месецот.
И покрај сето тоа, мене никогаш не би ми паднало на памет да ја напуштам државата. Така сум скроен. Не затоа што мислам дека овде е лесно, туку затоа што не верувам дека само промената на географијата автоматски го менува човекот. Човекот се менува тогаш кога ќе посака да се соочи со себе и кога ќе сфати дека нешто во неговиот живот, однос или начин на постоење — не е добро ниту за него, ниту за околината.
На шега велам дека државата на сите нас што останавме да се бориме на овој фронт треба да ни даде сто проценти покачување на платите. Но зад шегата сепак стои една болна вистина: останувањето денес станува подвиг.


А сепак, човек може да ја пронајде убавината и во мали нешта. Во разговор со добар човек. Во ученик што напредува. Во тивко утро. Во чувство дека, и покрај сè, сè уште има за што да се остане и да се твори.
Сè уште се надевам на ренесанса на оваа земја, иако многу работи секојдневно ме демантираат и разоружуваат. Но можеби токму надежта е последното нешто што му останува на човекот кога сè друго почнува да се руши.
Надежта не е убедување дека сè ќе биде добро, туку сила човек да продолжи и кога ништо околу него не му дава гаранција
Зашто народ не исчезнува тогаш кога е сиромашен, туку тогаш кога ќе престане да верува дека вреди да создава, да остане и да се бори.
Што би рекол мојот дедо Наум, доволно да го негуваме пастирскиот пристап кон работите и оставиме Бог да се грижи за сите нас.

 

Скопје, 15ти мај 2026

лето Господово