
ЗАМИСЛЕТЕ ДЕКА СТЕ ДЕТЕ ВО ОВА ВРЕМЕ
Не беше воопшто лесно да се биде дете или млад човек во изминативе неколку години, ниту во Македонија, ниту во светот. Можеби ние, возрасните, понекогаш забораваме низ што сѐ поминаа овие генерации додека растеа. Забораваме дека нивното детство не беше исполнето само со игра, дружење и безгрижност, туку и со стравови, неизвесности и предизвици какви што многу генерации пред нив не доживеале.
За само неколку години тие се привикнуваа на пандемија, на изолација и на носење маски. Потоа се соочија со страшни вести и постојани стравувања од војни и нуклеарни закани. Се привикнуваа на дојави за бомби во училиштата и како стампедо трчаа по скалите за да спасат „жива глава“, без притоа целосно да разберат што навистина се случува околу нив.
Во исто време растат во свет кој секојдневно им нуди нови збунувачки пораки, идеологии и вредности. Свет кој често не знае што сака да биде, а од нив очекува да знаат кои се и што сакаат уште пред да пораснат. Сето тоа дополнително ја оптоварува нивната кревка психа и нивната потреба за сигурност, припадност и љубов.
Ние, возрасните, пак, сме сѐ понервозни, поуморни и пооптоварени. И искрено, кој не би бил во овие економски, политички и социјални услови? Но, токму поради тоа, честопати несвесно им го отежнуваме секојдневието на децата, наместо да им бидеме засолниште и потпора.
Не разбравме дека повеќе не постои она старото: „Во наше време...“ Светот во кој растевме ние повеќе не постои. Овие деца живеат во сосема поинаква реалност, со предизвици што ние никогаш не сме ги имале.
А потоа се чудиме што сѐ повеќе се повлекуваат во виртуелниот свет. Но и тој свет е често уште пострашен, уште полажен и уште посуров од секојдневниот. Таму има помалку вистински пријателства, а повеќе осаменост; помалку вистинска комуникација, а повеќе привид на поврзаност.
Најважни се децата. Од нив зависи дали светот ќе стане подобро место или ќе продолжи да оди во погрешна насока. Затоа мора повеќе да ги учиме на животни и социјални вештини, на емпатија, почит, одговорност, спорт, култура и уметност. Мора да ги учиме како да бидат луѓе, а не само како да полагаат тестови и да собираат оценки.
Такво време дојде. Не сме доволно прилагодени, не сме доволно визионери и не можеме повеќе да продолжиме по старите шаблони.
Неодамна гледав видео во кое децата во една градинка во Јапонија преку игра учат како треба да се однесуваат во автобус, како да ги почитуваат другите патници и како да функционираат во заедницата. Замислете – една од најтехнолошки развиените земји во светот вложува огромен труд најмалите да ги научи на животни вештини. Тоа е вистинска визија за иднината.
Времето се менува исклучително брзо. Од секој од нас зависи по кој пат ќе тргнеме како општество и какви луѓе ќе воспитаме.
А сега замислете само за миг дека сте дете и дека растете во вакво време.
Можеби тогаш помалку ќе ги осудуваме, а повеќе ќе ги разбираме. Помалку ќе бараме совршенство, а повеќе ќе покажуваме трпение. Помалку ќе им држиме предавања, а повеќе ќе ги слушаме.
Затоа што на децата денес не им требаат само добри училишта, модерна технологија и нови програми. Најмногу од сѐ им требаат возрасни кои ќе ги разберат, ќе ги водат и ќе ги сакаат. Возрасни кои ќе им помогнат да останат луѓе во време кога токму човечноста станува најголемиот предизвик.
https://www.facebook.com/share/p/1H9LftFWn8/
Simeon Stefkovski